По одлуката на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) дека штрајкот го става во мирување попладнево пред седиштето на СОНК се собраа членови на синдикатот изразувајќи незадоволство од најновата одлука, пренесува скопски Курир.
Велат дека многу се изненадени од одлуката на синдикалниот лидер Јаким Неделков.
– Денеска се ретерира без знаење на членството и се носи одлука за која членството не е информирано. Тука сме да изразиме револт. Ние сме базата, ние сме членството и должен е Неделков да дојде и да објасни зошто ја промени одлуката, велат насобраните членови на СОНК, кои бараат оставка од Неделков.
Посочуваат дека се дојдени спонтано и дека се чувствуваат изиграни од претседателот на синдикатот. Велат дека не им се важни процентите за зголемување на платите, туку колективните договори.
– Голем дел од членството ќе продолжи да ги бара своите права. Нас не ни се битни тие 18 отсто. Прва работа поради која тргнавме во штрајк е колективниот договор, велат тие.
Прашани дали ќе има утре настава, велат дека оние деца што ќе дојдат во училиште, нема да бидат вратени.
– Сите оние кои утре ќе дојдат во училиште, ќе бидат прифатени. Ние ќе бидеме во училиште, ако дојдат деца, ќе ги примиме. Ако треба ќе држиме и настава, порачаа дел од наставниците кои попладнево се собрани пред седиштето на СОНК.
Одлуката на СОНК беше донесена откако до нив стигнало известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено за мирно решавање на спорот.
Од СОНК изјавија дека мора да го почитуваат законот и дека доколку во текот на мирното решавање на спорот не се изнајдат соодветни решенија, повторно ќе го активираат штрајкот.
– Ќе мора да постапиме согласно закон и штрајкот да го ставиме во мирување. Тоа значи дека одлуката за влегување во генерален штрајк ја ставаме во мирување се додека не се реши спорот. Убедени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот. Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде, рече Неделков.
>