Желба, надеж и поддршка за Зоран Заев да го добие референдумот, уште еднаш изрази грчкиот премиер Алексис Ципрас, овој пат во интервју за сервисот на грчки јазик на Еуроњус.
– Посакувам и се надевам дека овој договор ќе оди напред. Посакувам, се надевам и ги поддржувам напорите на Зоран Заев да го добие референдумот. И секако, потоа, уште потешкиот обид да најде 2/3 во Собранието, во неговиот парламент за да ја ратификува уставната промена. Ова е голема шанса за Грција, голема шанса за регионот. Решава проблем што постои со децении и според моето мислење го решава на позитивен начин за земјата, вели грчкиот премиер во интервјуто за Еуроњус на грчки јазик.
Како што јави МИА од Атина, Ципрас вели дека решението меѓу двете земји ќе добие апсолутно мнозинство во грчкиот парламент и објаснува дека Договорот од Преспа, ќе дојде во парламентот, онака како што е одредено во самиот договор „кога другата страна ќе го финализира процесот на уставна ревизија и секако кога ќе се состави протоколот за интеграција во НАТО“, за Грција да може да го ратификува и протоколот за членство на Северна Македонија во северноатлантскиот сојуз.
– Овој договор ќе добие апсолутно мнозинство во грчкиот парламент. Ја почитувам и не се согласувам со позицијата на мојот коалиционен партнер, со кој имам чесна и искрена соработка и сум сигурен дека ќе ги задржи неговите принципи, така како што самиот верува, но нема да го наруши непречениот тек на земјата кон економско закрепнување и политичка стабилност, објаснува Ципрас во однос на позицијата на Независни Грци и Панос Каменос.
Во однос на можноста за предвремени парламентарни избори заедно со локалните и евроизборите во мај следната година, грчкиот премиер уште еднаш го повтори ставот дека „целта и стратегијата на владата е да го заврши четиригодишниот мандат“, а изборите да се одржат во октомври 2019 година.