Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас смета дека Договорот од Преспа е победа на дипломатијата над национализмот, можност за поблиска соработка меѓу двете земји, придонес за мирот и стабилноста во регионот, нешто за што се залага и Европската унија.

Со ова, порача тој, С. Македонија покажа дека е кредибилен партнер на Европската унија и таа треба да одреди датум за почеток на пристапните преговори на следниот состанок на Европскиот совет.

– Овој договор ја покажува вредноста за која се бори ЕУ. Дел од него е и членството во Европската унија. Со овој договор се потврдува и амбицијата на ЕУ да воспостави мир и стабилност во овој регион. С. Македонија е држава која го промовира процесот на проширувањето во рамките на европското законодавство. Тој покажува дека државата е кредибилен партнер за ЕУ и таа треба да одобри датум за преговори на следниот состанок на Европскиот совет, порача Ципрас во обраќањето на отворањето на Самитот на „Економист“, што се одржува денеска во Скопје.

Ципрас вели дека кога договорот го потпишале министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас сите почувствувале дека ја градат историјата. Овој сложен договор, додава тој, со сите термини, членови, одредби, и овозможува да се одиме напред во билатерални односи и да се преземат многу конкретни чекори за соработка.

-Сите знаеме дека најважниот чекор веќе е преземен бидејќи нашите држави повеќе не се противници. Нашите народи ќе започнат многу брзо да ја видат целата придобивка на овој договор. Јас верувам дека целта отсега натаму ќе биде изградба на заедничка доверба, рече Ципрас.

Тој вели дека договорот овозможува соработка во повеќе сфери, економијата, туризмот, па и во одбраната, што, како што посочува ја покажува довербата меѓу двете држави и народа.

-Овој договор е позитивен сигнал и значи позитивна промена и за регионот и за Европа и тоа од различни причини, бидејќи ја симболизира победата на дипломатијата и на соработката врз национализмот и интровертноста. Овој договор значи дух на една заедничка балканска соработка, која нема да се темели врз моќта на една или врз поразот на друга држава, рече Алексис Ципрас во обраќањето на Самитот на „Економист“.