Верувам дека добрата вест за почнување преговори со Европската Унија ќе влијае позитивно на целиот регион и на ЕУ и оти ќе биде препознаен напредокот на реформите во решавање на проблемите. Регионот е сменет, се стреми и создава услови за натамошен развој и интегрирање, истакна премиерот Зоран Заев на отворањето на Самитот на „Економист“, што се одржува денеска во Скопје.

Добрата вест за РС Македонија, нагласи, ќе биде добра вест и за Европската Унија  затоа што ние носиме ентузијазам за важната улога што ја игра ЕУ како глобален актер и ја потсетуваме на нејзините изворни вредности за партнерството, солидарноста и заедничкиот просперитет.

Една од најдобрите вести во изминатиот период, наведе, беше решавањето на долгогодишниот спор со Грција, којшто имаше сериозни негативни билатерални и мултилатерални импликации.

-Договорот е  катализатор на промени бидејќи сведочи за нов трансформативен процес на Балканот. За мојата земја овој договор заедно со Договорот за добрососедство со Бугарија ги отвори вратите ккон постигнување на стратешките цели – членство во НАТО и ЕУ. РС Македонија ја доби добрата вест дека ќе биде 30 членка на НАТО. Понекогаш брзо забораваме каде сме биле само пред две три години, а каде сме денес. Мојата политичка кариера е сведоштво дека морате да земете длабок здив кога е најтешко и да не заборавате дека во вашата визија се граѓаните кои живеат поквалитетно и поскреќно само заради неколку храбри чекори кои се спремни да ги преземете, рече Заев.

Според него, регионот сега станува пример дека со заедништво и со инвентивни решенија може да се надминуваат проблемите, а мала држава како РС Македонија може да носи порака на свежина, промена и надеж и да биде добра вест. Договорот од Преспа, псоочи,  е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот. Тој е корисен пример за многу други отворени прашања. Секој проблем  е различен  и специфичлен, но дијалогот и дипломатијата остануваат најдобриот пристап во нивното решавање. Како лидери на своите земји им должиме на  граѓаните да ги решаваме проблемите, да го одржуваме мирот и да создаваме услови за развој и подобар живот на сите, рече Заев.

Овој регион, потенцираше, станува пример дека со заедништво и со инвентивни решенија во време на глобални кризи можеме да ги претвориме кризите во можности.

– Овде сме во исчекување на добрите вести за приближување на регионот кон ЕУ. Особено сме задоволни што пред пет дена германскиот Бундестаг гласаше во прилог на добивање датум за отворање на преговорите за влез на С. Македонија и Албанија во ЕУ во октомври. Ваквиот потег е препознавање на конкретниот прогрес што го имаат направено земјите, но воедно зборува и за кредибилитетот и посветеноста на ЕУ кон својата агенда за проширувањето, рече Заев, потенцирајќи ја и важноста на тоа што нашите соседи од регионот  членки на ЕУ минатата недела на Генералното собрание на ОН  искажаа јасна поддршка за почнување на преговори на РС Македонија со ЕУ.

Верувам, потенцираше Заев, дека добрата вест за започнување преговори со ЕУ ќе влијае позитивно на цел регион, ќе биде испратена порака дека Западниот Балкан е интегрален дел од Европа, ќе биде препознаен напредокот на реформите и вложувањето во решавањето на горливите проблеми, ќе ги охрабри земјите да покажат политичка храброст за надминување на нивните проблеми.

– Стабилен балкански регион е во интерес на ЕУ особено геополитички, геоекономски и безбедносно. Поблиската соработка со земјите членки на ЕУ помага за соочување со предизвиците што се клучни за ЕУ агендата како што се климатските промени, енергетиката, животната средина, безбедноста и миграциите. Добрата вест за Република С. Македонија ќе биде добра вест и за Европската Унија  затоа што ние носиме ентузијазам за важната улога што ја игра ЕУ како глобален актер и ја потсетуваме на нејзините изворни вредности за партнерството, солидарноста и заедничкиот просперитет, рече Заев.

Преку Самитот на „Економист“, нагласи, сакаме низ светот да одекне добрата вест дека овој регион е сменет и оти нема повеќе да биде заглавен во конфликти и во безидејна иднина.

Регионот веќе активно зборува за дигиталзиација, заеднички настап на европскиот и глобалните пазари, царинските олеснувања, заедничките гранички премини, фондови за иновации. Навистина сме на вистинскиот пат штом овие теми за разлика од минатите доминираат денес на нашите агенди, рече Заев, потенцирајќи дека решавањето на политичките проблеми овозможи да се зборува со ентузијазам и со бројки за подобрување на економијата.