Грчкиот премир Алексис Ципрас за Financial Times истакна дека Груевски никогаш не сакал да се сретнат и да го решат спорот со името. Во врска со ова реагираше самиот Груевски, а дека Ципрас не ја говори вистината зборува и ова писмо на Груевски до Андонис Самарас од 2013 година во кое тој бара од него да се сретнат и да почнат да го решаваат проблемот, по десетте средби со претходникот на Самарас, Андреас Папандреу. 

Самарас е познат како еден од нјеакстремните Грци по ова прашање, па сосема извесно дека ако Груевски него „го молел“ за средба и разговори, ако имал 10 средби претходно со Папандреу, логично е дека едвам би дочекал и средба со Ципрас од чија партија во тоа време, тука и таму можеа да се чујат и помеки сигнали кон нас. Зошто Ципрас одлучи така да зборува за Financial Times е негова работа, но еве го писмото на Груевски до Самарас од 2013 година:

Скопје, 27 јуни 2013 година

Почитуван колега,

Би сакал најнапред да Ве поздравам и да Ви ги пренесам изразите на моето почитување.

Нашите две земји имаат одлични економски, практични и меѓучовечки односи. Ние сме одлучни да ги негуваме и унапредуваме. Отворен дијалог и градење доверба се неопходни. Со таква цел и сакаме да оствариме повеќе суштински заеднички проекти. Во ист дух сакаме да ги надминеме и сите наши разлики.

Нашиот регион, и Република Македонија ја ценат перспективата за членство во Европската Унија што беше потврдена и со Солунската Агенда во 2003 година. Искрено посакуваме и денес да бидете истакнат поддржувач и партнер на нашата држава во отпочнување на пристапните преговори со Унијата.

Во реалноста не сме успеале да ја придобиеме вашата поддршка за остварување на нашиот најважен надворешно – политички приоритет – членството во Европската Унија. Пречката која се наведува е спорот кој цените дека треба да постои, а е под медијаторство на Ген. сек. на ООН. Вашата позиција е да не се дозволи почеток на преговорите со ЕУ додека политички не се реши оваа разлика. Вашиот аргумент е во позицијата на членка на ЕУ и НАТО, нашиот пак, на меѓународното и основните човекови права.

Во секој случај веројатно двете земји би имале придобивка од решение. Реално се надевам ќе се согласите дека разговорите не напредуваат со посакувана динамика.

Неговата Екселенција

Г-дин Андонис САМАРАС

Претседател на Владата на Република Грција

А Т И Н А
Сакам да истакнам дека сме целосно посветени на процесот на преговорите за надминување на единствениот спор меѓу нас. Тоа е наш приоритет. Искрено сакаме да излеземе од лавиринтот на препреки и одбегнувања на предизвиците. Во таа насока, ви предлагам именување од двете страни на тимови со политички мандат кои ќе се посветат неодложно и целосно во рамки на мандатот на амбасадорот Нимиц на изнаоѓање на решение. Ја изразуваме подготвеноста, уште оваа седмица, средби на политичко ниво да се остварат помеѓу нас, на место и време кое вие ќе го определите. Воедно да се заложиме од двете страни за фокусирање на сите напори кон конечно (политичко) надминување на единствената разлика меѓу нас.

Следствено би сакал да ја побарам Вашата поддршка за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Тоа не само што ќе придонесе за посветла иднина за нашата и вашата земја, но и регионот, туку и ќе ја подобри климата за успешно затворање на проблемот околу името. Нагласувам дека за оваа цел остануваме целосно фокусирани за интензивни политички разговори веднаш и врз основа на согледувањата споделени од страна на амбасадорот Нимиц.

Во надеж дека овие идеи ќе наидат на Вашата поддршка, уште еднаш примете ги изразите на моето високо почитување.

Никола ГРУЕВСКИ