Вкупно 16.600.437 денари се собрани во акцијата за помош и поддршка на настраданото население од земјотресите кои ја погодија Република Албанија, соопшти денеска генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити.
Акцијата, како што информира Саити на денешната прес-конференција, официјално заврши на 31 декември лани, а средствата собрани до тогаш задутре ќе бидат префрлени во Црвениот крст на Албанија.
Од собраните средства, 13.247.331 денари се донации од компании, 2.670.900 се донирани средства од телефонски оператори и 238.102 денари се донации од граѓаните.
Саити информира дека кон тој износ треба да бидат приклучени и два милиони денари од МЕПСО со кои имаат склучено договор за донација, но поради нивното чекање за добивање решение од Министерство за правда се уште не се добиени, како и средствата од АВМУ во висина од еден милион денари.
На албанскиот Црвен крст, како што наведе Саити, ќе им се даде рок за трошење на тие средства и повратно ќе бараат отчет за потрошените средства во наредните шест месеци од нивното трошење.
Освен парични средства, Црвениот крст донираше и материјална хуманитарна помош за нстраданите.
– Овој народ уште еднаш ја покажа својата солидарност и амбиција да помогне на соседот, да го разбере соседот во неволја и навистина по којзнае кој пат докажуваме дека сме солидарни, хумани и знаеме во вистинскиот момент да го направиме вистинскиот потег, рече Саити.
Тој вели дека веројатно средствата ќе одат во правец на обезбедување на домување на одредени целни групи, помош и поддршка на деца, ученици по училиштата и се што ќе биде во меѓувреме проценето дека е потребно.
На прес-конференцијата присуствуваа и заменик-градоначалникот на Град Скопје Енвер Малиќи и градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.