Отсуството на сведокот Дејан Панделески во случајот „Рекет” го одложи денешното рочиште за овој предмет, каде обвинети се Бојан Јовановски и Катица Јанева. При образложение на оваа одлука, судијката Васка Николовска-Масевска рече дека Панделески, не е пронајден на адресата доставена од одбраната, односно адресата била од работното место на сведокот од каде известиле дека тој е на службен пат. Следното рочиште е закажано за 3-ти март.

Воедно, судечкиот совет информира дека рочишта за предметот „Рекет“ се закажани до 10 април. Според редоследот на рочиштата, судењето ќе продолжи и во тек на изборна камапања за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.

Вчерашното рочиште за „Рекет“ беше одложено за денеска поради отсуство на поранешниот градоначалник на Општина Центар и бизнисмен Владимир Тодоровиќ, кој треба да сведочи на предлог на одбраната на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13. Тодоровиќ е еден од 12-те предложени сведоци од обвинетиот Бојан Јовановски.