Владата предводена од СДСМ ги лаже граѓаните дека ќе изгради нов клинички центар во Скопје. Владата подготови само физибилити студија од 30 страни, нема никаков проект, ама затоа планира тоа да чини повеќе од половина милијарда евра, рече доктор Кирил Лазов од Комисијата за здравство на панел дискусијата во организација на ВМРО – ДПМНЕ насловена како „4 години Заев, 4 години украден живот, доста е“.

Доктор Лазов укажа дека во Белград се гради клинички центар со исти перформанси и истиот чини 125 милиони евра, а во Македонија нема проект за нов клинички, ама има цена повисока од над половина милијарда евра.

„За клиничкиот што го нудат Заев и Филипче нема проект, ама има цена, а во цената не се вклучени геомеханички испитувања на земјиштето, водовод, канализација, пристапни патишта, што значи ќе биде и поскап. Има само физибилити студијата која очигледно им е само покритие за пљачка. Најкорумпираната Влада во Европа предводена од Заев и министерот за здравство Филипче сакаат да направат само нов криминал сега со наводна градба на нов клинички центар’, рече Лазов.

Како е можно за клинички со исти перформаси во Србија да се трошат 125 милиони евра, а кај нас да има 4 пати повисока цена, праша Лазов.

„За разлика од кај нас, во Србија клинички центар се гради за 4 пати помала сума во вредност од 125 милиони евра. А според карактеристиките станува збор за ист клинички центар. Единтвената разликата е во тоа што тој во Белград се прави за четири пати помала сума и со детален проект, а во Македонија ист таков би чинел четири пати повеќе или повеќе од половинина милијарда евра и со физбилити студија од само 30 страни, без никаков проект“, рече Лазов.

На денешната панел дискусија „Четири години Заев, четири години украден живот. Доста е!“ организирана од ВМРО-ДПМНЕ, свое обраќање имаше и Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ кој говореше за лошите политики на власта кои имаа катастрофални последици врз македонската економија.

„Нема ништо лошо во спроведување на проекти, дури и програми, но ако тие се во согласност со вашите идеолошки определби, ако се тргнува од најчесни намери. Намерите на СДСМ не беа чесни, во смисла на тоа што нивните претставници уште кога беа во опозиција критикуваа дека наводно со воведување на рамниот данок, кој што ние го воведовме се зголемила нееднаквоста во Република Македонија. Напротив според податоците на Светска Банка објавени во нивни публикации, нееднаквоста во распределбата на доходот во Република Македонија мерена според т.н. БДП коефициент се намали од 43% во 2007 година на 34% за 2015 година. Тоа е сосема спротивен тек на настаните“, истакна Славески.

Славески посочи дека СДСМ во период кога беше опозиција велеше дека со рамен данок се зголемила сиромаштијата. Напротив стапката на сиромаштијата во истиот период значи 2007 – 2015 според Светска Банка е намалена за 5-6 процентни поени.

„Чуди тоа што сепак се охрабрија, кога видоа дека се соочија тие со катастрофални резултати со губење на приходи од воведување на висока стапка на данокот на личен доход, за плати над 90.000 денари, отстапија, што е редок случај во светската практика, имено во текот на само од 9 месеци режим на оданочување така радикално да се промени. Но, како што слушам деновиве сепак не се откажаа од таа идеја која што разработуваа повеќе години, со навестување дека ќе го воведуваат пак данокот. Тие дури и препорачаа зголемување на даноците“, рече Славески.

Славески додаде дека срамота е во период на криза власта да зголемува даноци на граѓаните, кога граѓаните се без работа, со намалени плати или воопшто немаат земено плата.

Славески потсети дека власта ветуваше раст од БДП 5% секоја година но резултираше со просечен раст од 0.7% за четири години.

„Податоците за БДП ги имаме за четирите години, заклучно со 2020-та година. И имаме негативна стапка на раст. Стапката на раст од ветените 5% годишно е само 0.7%. Ако се остварија ветените 5% раст на БДП тоа ќе значеше зголемување на животниот стандард. Но ние имаме само загуба. Причината за ова е што Владата предводена од СДСМ и ДУИ на чело со Заев немаше јасен план, немаше модерен пристап како да ја подржи македонската економија од самиот старт, нема современи развојни политики, и од тука без одреден концепт кој што треба партиите да го подготвуваат кога се во опозиција сето е само губење на време и маркетинг“, појасни Славески.