АЛФА: Д-р Кирил Лазов, од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“… Докторе, што не чека, како ќе се справиме со епидемијата? Но, пред се, во овој момент, актуелно е прашањето како да ги посетиме лекарите? „Мој термин“ веќе свети на црвено? Одлуката хронично болните и засегнатите родители од 23 септември да се вратат на работа, се чини предизвикува сериозен проблем. Може ли „Мој термин“ да одговори на барањата во моментов?

Д-Р ЛАЗОВ: Видете, согласно бројките што ни се презентирани во вчерашниот ден и дента пред тоа (27 и 28 септември), кога имаме 186 заразени и седум починати, дента пред тоа беа, ако не се лажам – 163 заразени и седум починати… Во периодот од 6 до 13 септември, бројката на починати е 27 лица. Самото тоа покажува дека состојбата во моментов е крајно алармантна и сметам дека одлуката за враќање на работа на хронично болните и на трудниците е прерана и дека во периодот што следи ќе имаме сериозни проблеми.

Ова што ни се случува сега е последица на лошото менаџирање од почеткот на кризата. Беа прекинати сите специјалистички прегледи. Голем број хронично болни лица останаа дома и покрај тоа што им е потребна редовна контрола, контрола на терапијата, следење на здравстената состојба… Се јавува и втор проблем – неоткриени болести. Тие лица не беа третирани, беа оставени дома. Сега нивната состојба е влошена, што ќе се избегнеше ако функционираше „Мој термин“ и сега ќе можевме полесно да се справиме со тие состојби. Реков, сето ова е последица на лошото менаџирање со кризата. Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести немаа идеја како да го постават системот во тој момент. Постоеше кај нив една дезиорентираност во насока на организирање на здравствениот систем – во смисла на ковид болници, на пациенти кои се болни од Ковид 19 и пациенти кои не се заразени…

АЛФА: Докторе, можеби е рано за таква анализа, но дали таа лоша организација придонесе за големиот број смртни случаи? Ние сме веројатно шампиони по бројот на смртни случаи од Ковид 19 во регионот?

Д-Р ЛАЗОВ: Статистичките податоци во моментов се поразителни. Македонија во овој момент има 675 починати (податок е изнесен на 29 септември, н.з.) и некаде преку 16 300 позитивни (денеска броката е над 18 000 н.з.). Да се навратиме на изјавата на министерот со која не убедуваше дека максималната бројка на заразени ќе биде околу 2 300 лица, за потоа да ретерира до бројка од 2 700 лица. Сега гледаме дека бројките се далеку подраматични. Драматична е и бројката на починати во Македонија на еден милион жители во однос на другите земји од регионот. Македонија има 317 починати на еден милион жители додека еве, на пример, во Грција таа бројка е некаде околу 30 починати, во Србија околу 80, во Бугарија, ако не се лажам – 105, Албанија – 118, БиХ околу 200… Така што, ако направиме компаративна анализа, ќе видиме дека всушност, бројот на починати во Македонија се движи приближно до вкупниот број на починати од сите земји во регионот. Дополнтелно бројката на починати во Македонија е 2,6 пати поголема од бројката на починати на светско ниво, барем според податоците од СЗО. Тоа дополнително укажува дека состојбите не се розеви и дека има пропусти во менаџирањето на кризата.

АЛФА: Докторе, во првиот момент не беше тоа состојба само во Македонија, многу земји ги следеа препораките на СЗО и се затворија, што опфаќаше затворање и на специјалистичките прегледи, затворени беа и многу ординации во примарното здравство и сега одеднаш имаме друг проблем – тие што имаат потреба од преглед, имаат слободен термин мошне доцна…

Д-Р ЛАЗОВ: Точно, но имајте в предвид дека покрај бројката на пациенти кои треба да бидат прегледани преку „Мој термин“, има голем број пациенти и со приоритетен упат што создава проблем и за лекарите, бидејќи едноставно не можат да посветат доволно време потребно за квалитена амамнеза, дијагноза и терапија. Според моите инфорации, како и од разговори со колеги, веќе е побарано од Министерството за здравство да биде намалена бројката на приоритетни упати за да може прегледите да се извршат квалитетно… Сето тоа дополнително ја комплицира состојбата.

АЛФА: На ова следи логичното прашање: Што ако имаме втор бран на корона вирусот кој го најавуваи СЗО?

Д-Р ЛАЗОВ: Вчера (28 септември) со соопштение се огласи и претседателот на СЗО за состојбата која ни следи во октомври-ноември. Дополнително, се ќе се искомплцира и со обичниот грип, така што проблемот ќе се мултиплицира, а Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести не излегоа со јасна стратегија како ние планираме да се справиме со тоа.

АЛФА: Во моментов има некакви подготовки на клиниките за вториот бран?

Д-Р ЛАЗОВ: Ние немаме стратегија. Да не зборувам дека имавме избори со изговор дека е потребно да се формираат институциите за полесно да се справиме со Ковид 19, а ако не се лажам се уште целосно не се завршени тие процеси…

АЛФА: Влеговме во една постизборна дремка…

Д-Р ЛАЗОВ: … И сиот овој период не се работеше на формирање на стратегија…

АЛФА: Направени се илјадници тестови, еден тест чини 4-5 000 денари, тоа се скапи тестови, огромни пари влегоа во трезорите на приватните клиники и тие што ги вршеа тестовите, а недостасува анализа од тие тестови. Каде е тука експертизата? Зошто никој не ве консултира?

Д-Р ЛАЗОВ: Проблемот го гледам во немањето капацитет и можеби желба за справување со проблемите, На дневна основа ги гледаме и нашите ексепрти од областа на инфектологијата и епидемиологијата, а никој не ги вклучил во работата и креирањето стратегија за тоа како да се справиме со епидемијата, посебно во периодот што следи.

АЛФА: Може ли нашиот здравствен систем да издржи втор бран…?

Д-Р ЛАЗОВ: Однесувањето од почетокот на кризата од 28 февруари со првиот заразен, и сите други чекори кои ги презедоа Министерството за здравство и Комисијата, не ми дава надеж дека може нешто драстично да се смени кон подобро…

Д-р Кирил Лазов работи на Клиниката за трансфузиологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и е член на Комисијата за здравство на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ.