Вонредниот професор на Медицинскиот факултет во Скопје и доктор на Клиниката за нефрологија, Игор Николов, во интервју за „Косово-онлајн“ оцени дека треба што поскоро да се расветли здравствениот скандал со шверцот на цитостатици во Косово, кој ја тресе Македонија, за дамката да не падне на целиот здравствен систем во земјата.

Николов, кој е и актуелен претседател на Комитетот за здравство на ВМРО – ДПМНЕ, прашува зошто требаше да помине толку долго време за Обвинителството и МВР да реагираат.

За жал, оваа нефункционалност на институциите и системот фрла дамка врз здравствениот систем. Здравствениот систем го сочинуваат сите здравствени работници и не можеме да генерализираме дека сите се во ист кош со она што се случува, бидејќи ако генерализираме фрламе дамка на целокупниот здравствен систем, а целокупното здравство не е дел од оваа ситуација која институциите не успеваат да ја решат. Неспроведувањето на решение или необезбедувањето вистинска истрага создава уште поголема недоверба кај граѓаните и уште еднаш фрла сенка, главно на здравствените работници, вели Николов.

Тој смета дека најголемиот процент од здравствените работници не треба да се ставаат во ист кош и оти затоа е потребно што поскоро да се преземат мерки и решенија и да се откријат оние аномалии кои доведоа до оваа состојба и афера.

Треба што поскоро да се отстрани дисфункционалноста што се создаде во последните години, за да не остави трага врз целиот здравствен систем, кој е сложен и многу важен за граѓаните. Мора да инсистираме целиот случај да се расчисти што поскоро. Одолговлекувањето фрла дамка на целокупниот здравствен систем, а за жал, здравствените работници кои не се виновни за нефункционалноста на здравствениот систем, не се виновни затоа што некој не презел корективни мерки или го укинал контролниот систем за следење на дозата на цитостатици. Не се виновни здравствените работници што некој не ги спровел овие корективни мерки и не ја отстранил дисфункцијата. Секако, кој е виновен или презел криминогени мерки треба да одговара и да се казни најстрого, вели Николов.