Роза ШУЛЕВА за МИА

– Ќе бидам многу јасен и концизен. Секоја автоимуна болест кај која ќе утврдиме дефицит на витамин Д, може да се сопре со надополнување на овој витамин и доведување на витаминот Д на задоволително ниво и бидејќи така се стопира и таа аберантна (абнормална) ТХ17-реакција. Значи, можеме да ја стопираме. Затоа треба што порано да се реагира, веднаш по утврдувањето, бидејќи автоимуниот процес секојдневно ги уништува органите и ткивата. Тој процес може да биде насочен само кон еден орган, ако тие наши одбранбени сили ја нападнат нервната обвивка и направат дупки – тоа е тогаш мултиплекс склероза, ако ја нападнат штитната жлезда, тогаш тоа е хроничен тироидитис – хашимото, ако го нападнат панкреасот, односно оние Лангерхансови клетки, тоа е дијабетес, ако ги нападнат пигментните клетки, тогаш тоа е витилиго… – вели д-р Душан Живиќ во интервјуто за МИА, со кого разговаравме за улогата на витаминот Д во спречување на своевидната епидемија на автоимуни болести. Првиот дел од интервјуто го објавивме вчера и можете да го проследите на овој линк. Во вториот дел, д-р Живиќ дава дополнителни објаснувања за улогата на витаминот Д.

Каква е врската помеѓу витаминот К2 и Д и дали К2 создава тромбови во крвта?

-Конвенционалната медицина го спомнува влијанието на витаминот К2, и таа врска на К2 со Д3, па дури е направен и препарат К2-Д3. Да напоменам дека повторно се враќам на родоначалникот на суплементацијата во поголеми дози, д-р Коимбра. Тој одамна ја напуштил таа врска. Зошто? Конвенционалната медицина вели – да, витаминот К2 го канализира тој калциум на кој Д витаминот му овозможил да влезе во организмот, значи го канализира да оди во коскеното ткиво, а да не дојде до калцификација на крвните садови и некои ткива. Но, многу работи кои постоеле и сме ги учеле, сега не стојат баш така или се менуваат.

Еве, неодамна, Американската организација за лекови ја превртила пирамидата на исхраната и холестеролот кој беше обвинет за главна причина за кардиоваскуларните болести го рехабилитираше на некој начин. А тоа е нешто на кое ние кои од поодамна се занимаваме со кардиоваскуларни болести се сомневавме дека е така. Значи маслата се ставени во прв план, а мастите повлечени, па за жал ни ги ставиле шеќерите во разни технолошки производи. Пак, ќе се вратам на кардиоваскуларните болести, причина за нив не е холестеролот кој само ги крпи местата во крвните садови кои се оштетиле. Во овој случај, автоимуниот процес ќе предизвика оштетување на некоја дупка од тие крвни садови. Е, сега, за да не искрвари тој крвен сад, доаѓа холестеролот и го запушува местото. Не е холестеролот крив, крив е причинителот кој ја направил штетата, а тоа се разни отрови, а во случајот со автоимуните болести, тоа е автоимуниот процес.

Според тоа, на некој начин холестеролот е рехабилитиран. Значи ние 40 години сме живееле во заблуда или нешто што било наметнато. Така, исто е и со приказната со К2 и Д3. Направени се куп вакви препарати. Пред се количината на Д3 во тој препарат е мала. Од аспект на сето ова што го говорам и тие таканаречени високи дози на Д витамин, всушност е мала доза која ништо не може да направи. Тоа е како јас да ви дадам денес еден перек и да ви кажам ако бидете добри до година ќе добиете уште еден. Ние знаеме денес дека тие дози може да бидат 50, 60, 100 па и повеќе интернационални единици (И.Е.) дневно. Морам да се вратам на еден факт. Во интерната медицина која и јас ја учев, а не беше многу одамна, кај одреден професор Стефановиќ, кај Д витаминот пишуваше дека може да се даде меѓу 50 и 100 000 И.Е. А денес се зборува за 400, 600 или 1000 И.Е., а во времето на короната некои се осмелија и даваа и по 2000 И.Е. и затоа во аптеките денес може да се најде и до 5000 И.Е. од витамин Д. Но што се и 2 000 и 5000 ако потребата на таа личност е 50, 100 или повеќе илјади. Сега не навлегувам многу во приказни кои некои ги нарекуваат теории на заговор. Јас само кажувам – ДА, ова е начин на кој може да се помогне кај автоимуните болести.

Добро, а што станува со тоа како нив ги лекува конвенционалната медицина?

-Нема да го диксутирам начинот на кој се занимава конвенвионалната медицина, а знаеме како таа работи, дава високи дози на кортикостероиди, цитостатик, а самите знаеме што е ттоа, значи знаеме што тие препарати му прават на организмот. И она од кое се плаши денес светот, дека ќе добиете камен во бубрег ако земате високи дози Д витамин. Па и да добиете камен во бубрег, што е тоа во споредба со последиците што може да ги предизвикаат цитостатиците или високите дози на кортикостеоиди? Но нема да добиете камен во бубрег. Услов да се користат т.н. високи дози на Д витамин е завидна количина на течности. Секој кој пие барем 2 литри вода, што е услов за оваа терапија, нема да добие, бидејќи каменот ќе се раствори. Според тоа, ние за 10 години во својата пракса не сме имале ни еден случај на т.н. хипервитаминоза и создавање на камен во бубрегот. Веќе кажавме – ем е нестабилен, ем се распаѓа тој витамин Д3 и со големи солидни количини течности тој ќе биде растворен, а таа количина на течност е нешто што на човекот му е неопходно потребна. Јас секогаш зборувам како ние како организам сме совршени, но еве тука имаме некоја грешка, а тоа е што не чувствуваме кога сме жедни. Според тоа, оваа мода да се носаат шишиња со вода со себе е добра, една од ретките добри моди, бидејќи водата треба да ја надокнадуваме. Ние сме 60 проценти вода во составот на организмот. И тоа што водата им се забранува на спортистите, на пример, е едно од најголемите злосторства кое се прави на човештвото. Не се знаело дотогаш, но од 80-тите години натаму, тоа се знае. Според тоа, многу работи се менуваат, за многу нешта сме во заблуда. Јас сум специјалист за исхрана. Долги години се занимавам со овие болести, со автоимуните, со малигните, со други нормални појави, како дебелина, ослабување. Прв на овие простори почнав да зборувам за новите трендови во исхраната на спортистите итн. Но сакам да ви кажам дека многу работи се промениле. А многу работи кои баш не им одговараат на современите бизниси се туркаат малку под тепих итн.

Зошто се она што носи профит е добро, ефтин лек и слично. Тоа што ние ќе го промениме стилот на животот и што поради тоа ќе бидеме поздрави – тоа ни одговара само на нас лично. Тогаш не сме во тој бизнис и не сме негови поддржувачи. Но, да не бегаме далеку од основните работи.

Како се поврзани витаминот Д и тироидната жлезда?

-Јас би се вратил на приказната за причинувањето на тој автоимун процес во кој поради ниското ниво на Д витамин, се напаѓаат различни ткива. Па веќе споменав, ако ја нападне штитната жлезда тогаш ќе направи хроничен тироидитис или хашимото. Но многу поважна е врската меѓу витамин Д и параштитната жлезда. Зошто? Сега ќе објаснам. Параштитната жлезда лачи еден хормон кој се вика паратироиден хормон. И таа варијанта е нешто што функционира и му помага на организмот. Внимавајте, кажав замислете да организмот има отпорност кон Д витаминот, цревата не можат да го апсорбираат калциумот поради тоа. На организмот му фали калциум, не само на коските, зглобовите, мускулите, ноктите и на косата, туку му фали и на срцето. Треба да се обезбеди калциум. Како? Па овој компјутер (нашиот мозок), кој ги направил сите компјутери во светот, знае, има резервна бекап варијанта, има автокорекција, значи како да поправи сам од себе. Па тоа е на основа на самите нас смислено. Тој го лачи паратироидниот хормон. Паратироидната жлезда го лачи паратироидниот хормон, кој доаѓа од коските, зглобовите, мускулите и сите структури кои содржат калциумот, го краде калциумот за да му го обезбеди на срцето, зашто ако срцето не работи нема живот. Ако вие имате слаби коски ќе слабеете но ќе живеете. Значи од примарна важност е да му се обезбеди калциум на срцето и паратироидниот хормон тогаш го краде и прави остеопороза, остеопенија и се останато. Тоа е значи врската меѓу паратироидната жлезда и овој витамин, тоа е тој систем. Затоа тоа ниво на паратироиден хормон ни зборува за ефектот и делотворноста на Д витаминот. Значи ако Д витаминот ја врши својата работа, им овозможува на цревата да го апсорбираат калциумот не треба помошници.

Но ако него го нема или не е доволно активен, фали, имаме проблем со Д витаминот, а мораме да набавиме калциум, тогаш организмот лачи, оди на резервна варијанта го лачи паратироидниот хормон, и тогаш овој хормон е зголемен. Тие граници кои се дадени од 15 до 65 итн. не се релевантни, таа горна граница на нас не ни е воопшто битна. Паратироидниот хормон мора да биде на долна граница, значи тој мора да е мирен, нема тој што да прави, не е потребно да се лачат поголеми дози на паратироиден хормон ако Д витаминот си ја работи својата работа. Калциумот ќе се апсорбира од храната, нема потреба да се краде од коските и зглобовите, нема потреба да се зголемува нивото на паратироидниот хормон. Значи овој хормон на нас ни е мерило за ефикасноста на Д витаминот, а не неактивната форма на Д витаминот со една ОН група со која се заплашуваат луѓето. Таа неактивна форма нема ефект и не може да направи зло, дури кога ќе стане хормон и ќе ја добие другата ОН група и ќе дојде на прва позиција, дури тигаш ја отвора можноста за апсорпција на калциумот и го стимулира имуниот систем, ја спречува ТХ17 реакцијата, го стопира автоимуниот процес. Според тоа, ова се некои работи кои луѓето треба да ги знаат. Многу има дезинформации, за многу работи сме заборавиле, некои работи се промениле итн.

Најчесто витамин Д се поврзува со остеопороза, кое е неговото значење тука?

Со ова сега се опфаќа и прашањето за остеопорозата. Таа не настанува само со изминување на години на живот, што би се нарекло на некој начин физиолошки, туку настанува поради потребата на организмот да си обезбеди калциум. Не се сончаме, сонцето е прогласено за најголем непријател, дека ќе добиеме рак. Ракот може да го направи алфа спектарот на ултравиолетовите сончеви зраци што нема врска со Д витаминот. Дури бета спектарот или Б спектар го прави во кожата Д витаминот. Значи треба да се разјаснат некои работи. Направени се креми за сончање, а тие креми го филтрираат замислете овој дел на Б ултравиолетови зраци кој го прави Д витаминот, а го пропушта „А“ спектарот. Не би дискутирал воопшто за тоа. Значи го пропушта „А“ спектарот кој може да направи карцином. А ние и понатаму се мачкаме и децата ги мачкаме со тие креми. Значи избегнувајте сонце?! Внимавајте, сонцето е извор на животот, без него не растат растенијата, не расте ништо. Како да го избенувате сонцето? Ние сите сме во некои затворени простории. Зошто денес 50 проценти од светската популација има недостаток од Д витамин? Една од причинте е неизлегување на сонце, неадекватна исхрана. Сонцето, ако сте на кратки ракави и со кратки пантолони за еден час ќе направи 20 000 И.Е. Д витамин, па како тогаш некој може да каже дека се доволни 400, 600 или 1000 И.Е.? Кој е тука сега паметен, која е таа филозофија? Зарем се сомневаме сега во овој компјутер (нашиот мозок) кој ги направил сите други компјутери? Кои се сега тие причини?

Според тоа, да се вратиме на нашето искуство од нашата клиника. Со оглед на тоа дека сум специјалист за исхрана, а исхраната навлегува во сите пори на човечкиот организам, ние кај сите автоимуни болести кај кои востановивме дефицит на витамин Д постапувавме со суплементација и сме успевале и се уште успеваме да го запреме текот (на автоиумуниот процес), значи да го запреме, бидејќи едно е да го излечиме, друго е да го запреме. Јас не зборувам за целосно излекување, но за запирање и држење под контрола на тој процес на некое ниво што е исто што и да се лекува. Луѓето тогаш живеат како нормални луѓе значи без дефекти и не дозволуваме тие оштетувања да се продлабочуваат, значи во случај на мултиплекс склероза и понатаму да се прават дупки на нервната обвивка, да се уништуваат Лангерхансови клетки итн. Затоа треба што поскоро да се востанови и што поскоро да се реагира, за да настанатата штета биде што помала.

Кои се активатори за појава на автоимуните болести?

Сите ние имаме некои слаби точки. Рековме 50 проценти од популацијата има проблем со Д витаминот и сега постои една грешка, недостаток, мана и дали ќе дојде и кога ќе дојде до автоимуни болести зависи од т.н. активатори. Што се тие? Нешто што ќе го иницира процесот. Значи веќе е припремен теренот со недостатокот на витаминот Д, но дали ќе дојде до болеста и кога зависи од активаторите. Најголем и најзначаен активатор е емоцијата, емоционалниот стрес. Тој е најголем активатор на автоимуната болест. Покрај него, активатори може да бидат различни отрови, а пушењето се става како втор активатор за појава на автоимуните болести. Може да бидат и разни други отрови, но пушењето е дефинирано како втор активатор, веднаш после стресот. Исто така, и честите уринарни инфекции, тие дури и ја попречуваат терапијата која ја работиме со суплементација на витаминот Д, така да треба да се решаваат или колку што е можно да се избегнат или што поскоро да се лечат зошто исто се кочница во рехабилитацијата на организмот, во санацијата со Д витамин и неговите ефекти.

Какво е влијанието на Д витаминот кај мигрената како појава кај возрасната, но и кај детската популација?

Мигрената е една последица, еден симптом кој може да биде врзан (со истиот процес). Значи тоа е еден вид главоболка, а денес може да имаме 50, 100 причини, но може да биде врзана за автоимуниот процес и може да биде поврзана со дефицитот на витамин Д. Ако кај личности кои имаат мигрена востановиме дека имаат и ниско ниво на витамин Д, а високо ниво на паратироиден хормон, значи треба да се почне со суплементација. Тука ќе се покаже напоредно и некој друг пропратен проблем, на пример, полицистични јајници, ако е жена, или се манифестира некоја друга автоимуна болест, но се зависи кога ќе се открие. А може има и само мигрена. Треба да се почне со суплементација и се добиваат позитивни резултати.

Имавме случај каде и мојата ќерка имаше, имавме во фамилијата дефицит (на витамин Д), поради тоа се јави и нашиот подлабок интерес за овој проблем. Имаше циклуси кои беа проследени со силна мигрена и по суплементацијата со витамин Д таа веќе го нема тој проблем со мигрена. Значи тоа може да се јави во пораната возраст ако е предизвикан од дефицитот на Д витамин, може да се појави токму во тој период кога се будат хормоните, кога се добива циклус. Но нема правило, може да се појави и порано, а може и во возрасно доба, но секако дека треба да се реагира, треба да се види дали постои дефицит на витаминот Д. Или главоболката може да е предизвикана од некои васкуларни или други промени, значи може да има и други причини.

Кои се главни причини за дебелеење?

Дебелина – тоа е болест на современото човештво, современа чума. Ние во голема мера сами допринесовме за тоа, со стилот на живот, намалена физичка активност, неадекватна исхрана, не размислуваме многу, на себе сакаме да си удоволиме, посакуваме се што ќе видиме, се што е убаво итн. Сакаме да јадеме во поголеми количини итн. Тоа се општо познати работи. Но јас сакам да спомнам дека постои и органска причина за дебелеењето. Значи ние кога работиме кај сите пациенти со дебелина го тестираме нивото на Д витамин. Се покажа дека сите лица со дебелина имале недостаток на Д витамин. Со суплементација на Д витаминот успеавме да постигнеме да се намалува желбата за мрсна храна и за слатки. Едноставно кога имате помалку глад и помала желба да го јадете она што не треба да го јадете, вие сте полесен пациент.

Дебелината е сериозна работа, ние мора во врска со тоа посебно да се занимаваме со секој случај. Општите постулати се знаат – суфицит: повеќе внесуваме, помалку трошиме. Но кој работи, што работи, како работи, колку се движи, како живее – ние мора за тоа да најдеме стил на живот за секоја личност. Зашто не е проблем да се симнат килограми. Луѓето намалуваат 30 килограми, па потоа покачуваат 50. Трпиме за да го постигнеме тоа. Луѓе живееле по логори и драстично ослабеле, но кога излегле од таму кажале – единствено што знам сега е дека нема веќе никогаш да бидам гладен. Значи не е проблем да се регулира телесната маса со гладување, туку треба да се изнајде стил на живот, што ќе јадете, како ќе се движите, што ќе работите за да не се чувствувате како да сте ускратени за тоа.

А да можете нормално да функционирате и тој стил на живот вам да ви резултира со мислата дека еве може и вака да се живее, не сум гладен, не сум незадоволен и ете сум стигнал до добра линија.
Видете, ние кога ќе влеземе во еден добар ресторан, таму имате порции, и тоа на сите ќе ни биде доста. Значи да постои мерка, општа мерка, што е порција, што е чинија супа, што е друго јадење, што е десерт. Но кога сме дома и се е на масата тогаш велиме – леле што е убаво, дај да пробам од ова, и ова и она, па така три пати ќе јадам. Посебно личностите кои брзо јадат. За нив неминовно е важно да се држат до порцијата. Ако брзо јадете вие за исто време ќе изедете многу поголема количина на храна, отколку што ви е вам потребно. Зошто? Затоа што тој сигнал кој поаѓа од раширениот желудник кажува – јас сум сит, споро патува до централниот нервен систем и ние доцна стануваме свесни. Ние сме така создадени за да јадеме полека, инаку тој сигнал побрзо би патувал. Според тоа, треба пополека, оброкот треба да биде едно доживување, мора да бидеме свесни за него, а не тоа да биде брзо нафрлање на храната, а се друго да биде поважно од тоа, па после да кажеме – дебел сум. Па нормално дека си, затоа што тоа што е најважно го правиш како што не треба.

За дебелината може многу да се зборува. Значи, треба секому да му се најде приказната, како што кога одиме да шиеме одело, па ни го шијат според мерка, а не да го купуваме конфекциски. Тоа во нашата клиника се прави така што се поставува режим, па се контролира на седум дена, и му овозможувате на пациентот што побрзо да влезе во тој колосек, и на тој начин полека создаваме нова навика, на која пациентот ќе може да се навикне. Зашто внимавајте, на страдањата од гладување никој не се навикнал, туку само трпел, а за нешто да може да трае мора да се создаде навика. Таа може да се создаде само ако ние го искористиме сето она што е добро, а она што не е добро малку да го има, и да направиме нешто што личи на нешто кое некој може да го прифати. А тоа е доста индивидуално, зашто нашите желби, афинитети, потреби, можности се различни.

Според тоа нема општи диети. Тоа е многу претенциозна работа, има големи побараувања. Не може тоа набрзина да се заврши, не може преку огласи. За сериозни работи мора да има еден сериозен пристап, една заедничка соработка и само тоа може да даде вистински резултат. Сето друго е со краток век на траење.

Што можете да ни кажете за лекување со помош на промена на исхраната и со внес на витамини односно суплементи – додатоци во исхраната?

-Суплементите денес станаа не само мода, туку и еден предмет за трговија. Дали ви требаат или не суплементи? Некогаш суплементи користеа само спортистите бидејќи нив тоа прво им е наметнато, дека имаат зголемени потреби итн.

Јас ја имав таа чест и задоволство, како еден од првите нутриционисти на овие простори кој се занимава со исхрана на спортистите и работев со пет наши национални селекции. Многу бев рестриктивен во однос на употребата на суплементи, и ги давав само ако треба и кога треба. А денес ве советуваат во смисла дека се треба и се е добро, па излегува дека треба само да се јадат тие таблети, но треба да се јаде и храна. Значи треба да е биде многу ограничен и ако нешто е потребно тогаш навистина да е така. Да се вратам на обичниот човек.

Колку поздраво живеете, колку јадете пообична храна, храна поблиска до природата, онака како што јаделе нашите предци од претходните генерации, кога повеќе се размислувало за тоа и храната била поздрава, а сега треба да се тежнее кон органско производство, и сето тоа се сериозни прашања, но што поприродно се храните и пазите на количината , сте активни, пазите на режимот на одмор и на живот тогаш ќе ви требаат што помалку лекови и суплементи. Нема суплементот да ве спаси, знаете. Тој може да ве заштити. Уште во основно се учи дека минералите и витамините се заштитни материи. Не се стимулативни материи. Тие се неопходни за да се одвиваат одредени процеси  ние ако јадеме храна ги имаме, а само ако неадекватно се храниме тогаш се јавува потреба и тоа само колку што треба. Секогаш е прашање дали се работи за здрава личност или за личност која веќе има некој проблем. Ако е болест во прашање, како со примерот со автоимуните болести тогаш таа суплементација е неопходна, посебно кај личности кои едноставно имаат неспособност да примат и на било кој начин е неовозможена апсорпцијата на тие материи, тогаш тие е неоходно да се надополнат и тоа се вика суплемент, додаток.

Но ако немате проблеми, тогаш јадете што поздрава храна, правилно хранете се и што помалку суплементација ќе биде потребна. Ова што јас сега го зборувам баш не им одговара на трговците и продавачите, но ако ме прашате, тоа е мое мислење, тоа е она во што јас верувам и тоа е вистина. Многу е полесно само да се земе една таблета и сега јас ќе бидам добар. Да е тоа така тогаш астронаутите кои поминуваат одредено време во вселената би носеле само таблети, не би носеле храна. Јас се обидувам тоа пластично да го објаснам. Значи на прво место е храната, а потоа доаѓа додатокот или суплементот ако нешто навистина е потребно. Значи не се суплементите основ тие се нужна потреба ако постои причина за нив.

И за крај, докторе Живиќ, како пациентот да дознае која суплементација му е потребна?

-Кога е во прашање суплементацијата со витамин Д3 кај автоимуните болести, без оглед на тоа која од спомнатите болести е во прашање, се раководиме исклучиво со индиректната метода на проценка на перформансите на витаминот Д3, на основа на вредноста на ПТХ (паратироидниот хормон).

Целта ни е да ја постигнеме вредноста на ПТХ, што ќе биде што пониска до долната граница на предвидениот опсег на ПТХ, која изнесува 12 пг/мл (пикограми на милилитар), за жени и 15 пг/мл за мажи. За деца постојат помали вредности кои се значително пониски од наведените.

Тоа значи дека активниот витамин Д3 ја извршува својата функција и дека не му е потребна помош од ПТХ за обезбедување на калциумот.

Дозата на Д3 витаминот може да биде од 50 000 до 200 000 интернационални единици дневно.

Услов за оваа суплементација како прво се здрави бубрези и црн дроб, и како второ неопходно е да се обезбеди доволна хидратација кај пациентот кој е под ваква терапија. Количината на течности која е неопходна да се внесе на дневна основа е минимум 2.5 литри и повеќе (во зависност од дозата, возраста и телесната маса).

Ова се објаснува на следниот начин – Паратироидниот хормон (ПТХ) го лачи организмот (односно паратироидната жлезда) во случај кога постои недостаток на активна форма на витамин Д3 – хормон калцитриол, кој има способност да им овозможува на цревата да го апсорбираат калциумот од храната. Со оглед на тоа дека калциумот е неопходен за срцето, за контракција, наведениот ПТХ хормон го краде сопствениот калциум од коските, косата, ноктите, зглобовите итн. за да го обезбеди срцето, бидејќи тоа е од примарна важност. Висока вредност на ПТХ значи дека Д3 витаминот не си ја извршува својата основна функција, а согласно тоа и останатите функции. Неговата неактивност (ниско ниво на активната форма на витаминот Д3), ја активира Тх-17 реакцијата и го предизвикува автоимуниот процес. Опаѓањето на нивото на ПТХ зборува за тоа дека треба да се подигне активноста на витаминот Д3, на што тежнее и самата терапија, што доведува до стопирање на спомнатиот автоимун процес.

Секогаш се напоменува дека за суплементација – лечење со повисоки дози на витамин Д3 неопходни се лекари кои се посебно едуцирани и со искуство во споменатата терапија.

Докторе за која вредност на витаминот Б2 и на магнезиумот станува збор кога зборувате за нив како за активатори на Д витаминот?

– Вообичаената доза за возрасни за активатори е Б2 од 100 милиграми, а магнезиум од 375 до 400 милиграми.

Ви благодариме на разговорот докторе!

Првиот дле до интервјуто на МИА со д-р Живиќ на овој линк:

Д-р Живиќ за МИА: Како се спречуваат автоимуните болести и зошто не треба да се плашиме дека ќе се предозираме