Зоран Заев ги погази гаранциите кои ги потпиша на 16 мај 2017 година, кои Претседателот на Република Македонија му ги побара со цел заштита на унитарноста и уставниот поредок на државата.
Мандатот за формирање Влада беше доделен откако наводно беа отсранети пречките односно беа обезбедени гаранциите што ги бараше шефот на државата за зачувување на унитарноста на државата и почитување на Уставот.
– Пречките за состав на Владата се отстранети. Денеска пристапуваме кон исполнување на член од Уставот за определување на мандатар за состав на Владата, рече во краткото обраќање претседателот Иванов.
На 13 мај 2017 година од СДСМ повикаа дека Ѓорге Иванов треба веднаш да го даде мандатот за формирање влада. Од СДСМ тогаш тврдеа дека постои програма на реформската влада што би ја гарантирала унитарноста на Република Македонија, работа според Уставот и во интерес на евро-атлантските перспективи.
Во изјавата се дадени гаранции во четири точки:
1. Гарантираме заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија.
2. Гарантираме заштита на уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија.
3. Гарантираме заштита на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани, без оглед на етничката, религиска и јазична припадност.
4. Гарантираме дека процесот на носење на одлуки за граѓаните на Република Македонија ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото, недоведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава.
Ниту еден документ, платформа, декларација, акт или дејствие кои би биле спротивни на погоре наведените ставови, не можат да бидат услов ниту основа за формирање и дејствување на Владата на Република Македонија, се вели во изјавата со гаранции потпишана од претседателот на СДСМ и нов мандатар Зоран Заев.
Денеска пратениците со 67 гласа „за“, четири „воздржан“ и 23 „против“ го утврдија нацртот на амандманот XXXIII на Уставот на Република Македонија, со кој се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на “посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија.
Пратениците во Собранието о изгласаа и текстот на XXXIV нацрт амандман на Уставот на Република Македонија, со кој се интервенира во Преамбулата на Уставот и зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор.