Бугарските медиуми, но и синот на еден од возачите велат дека имало уште еден патник кој се спасил од кобниот автобус но исчезнал во ноќта.

Дури се тврди дека патникот е од арапско потекло и оти никој не знае каде тој сега се наоѓа.

Ако се собере вкупниот број на жртви – 44 и бројот на преживеани 7, тоа се вкупно 51 лице, за разлика од регистрираните 52 на граничниот премин Капитан Андреево, посочи бугарската обвинителка Сијка Милева. Недостасува еден патник, а тоа се поклопува и со изјавата на еден од преживеаните сведоци, кој тврдел дека 8 лица живи излегле од автобусот.

Милева вели дека дека 20 минути пред несреќата патниците одмарале на бензинска станица и се проверува видео надзорот за да се утврди кој влегол во автобусот и дали спорниот патник се качил таму.

Но, директорот на институтот за судска медицина доктор Александар Станков во телефонска изјава за „Слободен печат“ вели дека завршени се 44 обдукции на целосни тела, но и делови од 45 тело. Станков децидно тврди дека видел делови од 45-то тело.

Неговото тврдење е спротивно на тврдењето на бугарското обвинителство дека на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела, а дека 8 лица се спасиле од несреќата.