Хрватскиот селектор Златко Далиќ им честиташе на своите фудбалери за пласманот во нокаут фазата на ЕУРО2020, оценувајќи дека „коцкестите“ апсолутно доминирале во синоќешниот триумф од 3:1 над Шкотска во Глазгов.

– Им честитам на моите момчиња на одлично одиграниот натпревар и пласманот во осминафиналето. Овој натпревар беше голем тест, пред сè за мене, а потоа и за сите останатите, да останеме мирни и сталожени, изјави по натпреварот Далиќ.

Хрватска во осминафиналето ќе игра во Копенхаген на 28 јуни од 18 часот, а противникот ќе го дознае денеска. За пласман во четвртфиналето потенцијални противници на Хрватите се репрезентациите на Шведска, Словачка, Шпанија или Полска.

– Не ми е важно кој ќе ни биде следен противник. Тоа што го посакувам за осминафиналето е да имаме голем број hрватски навивачи на трибините. Со нив сме посилни, додаде Далиќ.

Пласман во осминафиналето како првопласирани во групата Д обезбедија Англичаните по триумфот над Чешка од 1:0, а за противник на „Вембли“ во Лондон на 29 јуни од 18 часот ќе ја имаат репрезентацијата која ќе заврши второпласирана во групата Ф, во која се Португалија, Германија, Франција и Унгарија.