Додека трае молкот за претседателски избори продолжува кампањата за парламентарните избори, изјави денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски прецизирајќи како што кажа една своја неодамнешна изјава.

-Би сакал да кажам во врска со една моја изјава, сакам да прецизирам, со оглед дека се поклопуваат кампањите за претседателски и за парламентарни избори, законот е јасен дека има предизборен молк за претседателски избори на 22 април и трае до 24 април. Нема да се поклопи со другиот молк (за парламентарни избори). Да не должиме да нема забуни. Сметам дека ова е доволно објаснување затоа што претходно во изјавата не кажав датуми за ништо и тоа би било нешто што е предвидено и во законот и во роковникот, рече на денешната седница на ДИК Даштевски.

Претседателските избори ќе се одржат на 24 април, а кампањата почнува на 4 април и трае до 22 април кога почнува молкот за претседателските избори, додека парламентарните избори се на 8 мај, кампањата почнува на 18 април и ќе трае до 6 мај.

За време на молкот за претседателските избори ќе се одвива изборната кампања за парламентарните избори. Ова, како што појаснија минатата недела во ДИК, е уникатна и единствена ваква ситуација досега.