Денеска стоиме пред вас не како обвинети, туку како нападнати. Криминалната група ВМРО ги штити тепачите што ги пратија врз нас во Ново Село. Прво нè нападнаа физички. Сега нè напаѓаат јавно – со лаги, со навреди и со украдени полициски документи – кои се доверливи – изјави денеска на прес конференција на Христијан Ефтимов од СДММ, стои во соопштението на СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

ВМРО на прес-конференција објави податоци од документи од Полициската станица Струмица. Податоци до кои немаат право на пристап.

Податоци што се водени како службена тајна. Тоа не е политика тоа е кривично дело.

Бараме од Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага и да поднесе кривична пријава против:

•  Полициски службеници од Полициската станица Струмица, кои неовластено извадиле и предале доверливи полициски податоци,

•  Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, кој како прв човек на МВР сноси одговорност за злоупотребата на полицијата,

•  Валентин Манасиевски, кој јавно ги објавил тие податоци и ги искористил за јавен линч врз младите.

Истовремено бараме Внатрешната контрола на МВР итно да утврди кој им овозможил пристап на функционери на ВМРО до службена тајна и кој ставил потпис. За што ќе бараме и посебно вештачење.

Ако институциите не постапат, ние ќе поднесеме кривична пријава. За сите. Погрешивте што дигнавте рака на младите. Погрешивте што направивте уште едно кривично дело за да нè замолчите.

Не успеавте во Ново Село. Нема да успеете ниту сега. Ние не се плашиме.

Вистината е на наша страна.

И доаѓа време кога сите ќе одговарате.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ