САД забележаа преку илјада починати од Ковид-19 во последното деноноќие или во просек по 42 жртви на час. Делта варијантата на вирусот во последниот месец нагло се прошири во државите со низок број на вакцинирани лица, пишува Ројтерс.

Според пресметките на Ројтерс, бројот на смртни случаи поврзани со корона вирусот во САД се зголеми на 769 дневно изминатиов месец, што претставува најголем пик од средината на април годинава.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден вчера вечер потврди дека е во план да се зголемат рестрикциите за патниците. Предвидено е да се носат маски во авионите, возевите и автобусите, како и на аеродромите и автобуските станици до средината на Јануари 2022.

Според државните податоци на САД, во вторникот имало 1.017 починати, а вкупниот број од почетокот на пандемијата изнесува 623 илјади жртви. Според Ројтерс, ова е најголемата стапка на починати забележана во која било држава во светот.

Болниците во САД се преплавени со нови пациенти, а според статистиката во последните две седмици хоспитализациите се зголемени за 70%. Рекордот на нови заболени е во Флорида каде што последната недела имало по 26 илјади нови случаи дневно.