Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев денеска ги отфрли обвинувањата на Вера Иванова една од поранешните сопственици на Дијамед, дека со министерот за здравство и наштетиле во продажбата на новиот сопственик – шведската компанија „Дијаверум“.

Тој на прес-конференција во Владата презентираше и документи, како и хронологијата на случајот Диамед Македонија, за кој Јавното обвинителство веќе отвори истрага поради основано сомнение, како што вели, за криминални дејствија во однос на добивање на тендерот на Министерството за здравство спроведен 2013 година за доделување концесија за дијализа и за злоупотреба на службената положба и овластувањa на лица кои биле во врвот на власта.

Образложувајќи ги спорните клаузули во Договорот за концесија за дијализа што оваа компанија заедно со Систина го добиле на тој тендер, Дончев истакна дека овие две фирми ги добиваат концесиите иако немаат никакво претходно искуство со дијализа, а притоа, отфрлени се легитимни странки инвеститори.

Со концесијата се дадени права на ексклузивност, односно монопол поделен по градови за вршење дијализа за двете фирми, за период од 20 години, што е вели спротивно на одредбите од ЕУ регулативата и Европската повелба за права на пациентите за правото на избор, им се гарантира минимална цена од 90 евра по дијализен третман, а двете фирми ја превзеле од јавното здравство и функционалната опрема за дијализа без никаков надоместок, како и постоечките пациенти за дијализа.

-Oд постоечката документација се гледа дека двете фирми добиле здравствен бизнис со минимално претходно искуство, минимални сопствени инвестиции, со гарантирани пациенти, со гарантирана цена и приход и гарантиран огромен профит. Ако во случај, “од кои било причини” Министерството за здравство предвреме го раскине договорот, државата била обврзана да исплати договорена казна според утврдена формула. Според таа формула ако сега го раскинеме договорот со Диамед, треба да платиме 28 милиони евра, појасни Дончев, нагласувајќи дека единствена финансиска вредност што државата го добила се исплата на 7 500 денари месечен надоместок кој вели, Диамед Македонија уредно ги плаќале.

Во однос на продажбата на шведската компанија за дијализни услуги, тој кажа дека пред МЗ и ФЗО да имаат шанса формално да започнат со истрагата за Диамед, во јануари 2018, Диаверум остваруваат средба со ФЗО и МЗ и ги известуваат во нивната намера да ја купат Диамед.

– Им препорачуваме и вербално и писмено преку Амбасадата на Шведска, дека МЗ и ФЗО имат намера да започнат истрага и ревизија околу начинот на кој е приватизирана дијализата, вклучувајќи ги меѓу другото и времетраењето на концесијата, цената и местото на арбитража, вели Дончев.

По ова, Диаверум Шведска се повлекуваат од намерата за купување на Диамед, а при крај на октомври 2018, повторно доаѓаат во Македонија и го известуваат Министерството за здравство и Премиерот дека имаат намера да ја купат Диамед Македонија и дека таа одлука е веќе донесена, по што од МЗ следело уште едно писмо од МЗ од 31 октомври со кое ги предупредуваат Диаверум за можните правни последици доколку истражните органи и судот ги потврдат сомнежите за криминал со Дијамед.

-И покрај ова писмо, Диаверум го купува Диамед Македонија. Во ноември 2018та, Централен регистер уредно врши трансфер на сопственоста на Диамед од Вера Иванова и Смарт Холдинг Дубаи на Диаверум Шведска. Овде сакам да потенцирам дека државата не прави никакви пречки при превземањето, потенцира директорот на ФЗО.

Со трансакцијата, нагласува, Диаверум префрлува 2,5 милиони евра на сметка на Вера Иванова во банка во Северна Македонија и 9 милиони евра на сметка на банка во Монако. Државата, посочува, добива потврда од Монако дека истиот ден кога се префрлени парите на сметката во Монако, Ристо Новачевски, на свое име отвора банкарска сметка во истата банка во Монако. Брзо потоа, по барање на државните институции 2.5 милиони евра на сметката на Вера Иванова во Скопје и деветете милиони на сметката во Монако се замрзнати бидејќи се води предистражна постапка.

– Немаше никаков обид од државата да се блокира влезот на Диаверум Шведска во Диамед. Централниот регистар уредно го префрли уделот од Вера Иванова и Смарт Холдинг Дубаи на Диаверум, а таа компанија веќе десет месеци стопанисува со Диамед Македонија.Тврдењата на Вера Иванова дека е нанесена каква било штета кон Државата или буџетот е небулоза. Единствени вистински добитници од оваа трансакција се Вера Иванова на чија сметка легнаа 2.5 милиони евра тука и деветте милиони евра во Монако, вели Дончев.

Во однос на овој предмет тежок околу 200 милиони евра рече се надева дека најбрзо што може ќе се расветли дали се работи за Рекет 2 и дали криминалците се жртви или измамници.

На новинарско прашање рече дека не можело порано да се извести јавноста за предметот бидејќи се водело предистрага. Нагласи дека во случајов се води пред се грижа да нема прекин во услугата која се дава на пациентите на дијализа и на квалитетот на услугата.