Денеска според календарот на МПЦ е Св. маченици Мануил, Савел и Исмаил.

Тројцата се браќа, воведени во христијанството од мајка им и крстени. Живееле во времето на персискиот цар Аламундар и римскиот Јулијан (од црквата наречен Отстапник) и биле високи чиновници на персискиот двор.

Тие биле испратени кај Јулијан да договорат мир меѓу двете царства. Во тоа време, во Халкидон Јулијан прославувал некоја паганска свеченост со многу жртви. Додека траела свеченоста, тројцата персиски пратеници останале во своите одаи.

Царот ги повикал и побарал да учествуваат во свеченоста, а овие, како христијани, одбиле да се поклонуваат на мртвите статуи. Јулијан ги затворил, ги ставил на маки и ги погубил.

Кога слушнал за ова, Аламундар собрал војска и го поразил Јулијан. Во борбите загинал и самиот цар.

А во свое време царот Теодосиј Велики во Цариград подигнал црква посветена на овие тројца маченици.

Според католичкиот календар денеска е Св. првомаченици на Римската католичка црква.

Како што пишуваат римските историчари Тацит и Светониј, царот Нерон наредил да биде запален Рим. Тој ги обвинил христијаните дека тие го запалиле градот. Тие живееле според Божјите заповеди и ги опоменувале тие кои не живееле како нив. Затоа царот Нерон наредил голем број христијани да бидат измачувани. Меѓу римските маченици се вбројуваат: Ловро, Александар, Сиксто, Фабијан, Марчелин, Агнеза и други.