Денеска е 10 март (по стар стил) и се слави Светиот маченик Кодрат Коринтски и со него: Кипријан, Дионисиј, Анект, Павел, Крискент, Дионисиј (друг), Викторин, Виктор, Никифор, Клавдиј, Диодор, Серапион, Папиј и други.

За време на гонењето на христијаните многумина верни се разбегаа по планините и по пештерите. Така направи и мајката на овој Кодрат. Но, токму во тоа време беше бремена, па во шумата го роди Кодрат и наскоро умре.

По Божја Промисла, пазен од ангелот чувар, хранет и воден, Кодрат порасна во осаменост во дивината. Оној Кој му даваше манна од небото на Израилот во пустината, му пушташе и на младенецот Кодрат слатка роса од облаците на усните.

Кога имаше дванаесет години тој слезе в град и таму едни добри луѓе го засакаа и го дадоа да учи. Тој ја изучи лекарската вештина и ги лечеше болните со природните лекови, но и уште повеќе, со молитвата на која се привикна од детството.

Кога настана ново гонење под Декиј, Кодрат беше изведен на суд и фрлен во затвор. Нему му се придружија и петмина негови другари и го исповедаа името Христово. Тие беа Кипријан, Дионисиј, Анект, Павел и Крискент.

Ги влечеа по улиците и незнабожците, особено нивните деца, ги биеја со стапови и камења дури не ги одвлекоа до губилиштето. Мачениците Му се помолија на Бога, па беа обезглавени. На тоа место изби извор со вода, којшто и денес го носи името Кодратов и потсетува на херојската смрт за Христа на овие шесточисленици.

Пострадаа чесно за вистината во 250 година, во Коринт, во времето на царот Декиј и неговиот намесник Јасон.

Потоа, на различни начини беа погубени и други христијани: другиот Дионисиј беше заклан со нож; Виктор, Викторин и Никифор (откако Тертиј стана наследник на Јасона) беа раздробени во камен толчник; Клавдиј сконча откако му беа отсечени рацете и нозете; Диодор самиот се фрли во оганот запален за да го изгорат; Серапион беше обезглавен, а Папиј беше фрлен во море.