Денеска е 14 мај (по стар стил) и се слави Светиот маченик Исидор.

Во времето на царот Декиј, Исидор беше насила земен во војска од островот Хиос. Од малечок се држеше за Христовата вера и животот го минуваше во пост, во молитва и во добри дела.

Во војската штом се прокажа како христијанин, војводата му побара отчет и го советуваше да се одрече од Христа и да им принесе жртва на идолите. Светителот одговори: „И телото да ми го убиеш, над мојата душа немаш власт. Јас Го имам вистинскиот и жив Бог Исус Христос, Којшто и сега живее во мене и по мојата смрт ќе биде со мене и јас сум во Него и ќе останам во Него и нема да престанам да го исповедам Неговото Свето име дури е духот во моето тело“.

Војводата нареди и најпрво го биеја Исидор со воловски жили, а потоа му го отсекоа јазикот. Меѓутоа, и без јазик Исидор со Духот Божји говореше и го исповедаше Христовото име. Војводата пак, го постигна Божја казна и одеднаш онеме. Нем најпосле даде знак да го убијат Исидор со меч.

А Исидор ѝ се зарадува на пресудата и фалејќи Го Бога најпосле излезе на губилиштето, каде што му ја отсекоа главата, во 251 година.

Неговиот другар Амониј го погреба неговото тело, а за таа своја постапка и самиот пострада и прими венец на мачеништво.