Околу 5.000 мигранти денеска изутрина го напуштија Сидуад Мексико и во „карван“ го продолжија патувањето во подобар живот во САД.

Секој од петте возови кои им се ставени на располагање носи по 1.000 мигранти, во придружба со 1.000 полицајци, соопшти управата на подземната железница на главниот град на Мексико.

Мигрантите се упатени кон границата на сојузниот округ Сидуад де Мексико, од каде пешки го продолжуваат патот до Кверетар, во централниот дел на земјата.

Еден ден претходно група од 1.300 мигранти ја напушти престолнината на Мексико.

Откако од Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) залудно бараа да им даде 150 автобуси, мигрантите на својот собир во четвртокот одлучија да го продолжат патот.

Карванот тргна на 13 октомври од градот Сан Педро Сула во Хондурас, бегајќи од сиромаштија и мина повеќе од 1.500 км. Потоа беа формирани најмалку уште две поворки.

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди за „наездата“ од мигранти и мобилизира повеќе илјади војници за да ги сопре на границата.

Мигрантите денеска (сабота) утрото ја напуштија спортската сала во источниот дел на мексиканскиот главен град во која минаа шест ноќи, а потоа мигрантите почнаа да се слеваат во подземната железница, која им ги отвори вратите еден час порано од вообичаено за да ги превезе мигрантите.

Некои во рацете носеа деца, други туркаа колички, а некои деца беа во пижами.

– Се разболевме од толку промени на температурата, но одлучни сме да дојдеме на граница (со САД) и да ја преминеме, рече Вилсон Александер Меиа, 27-годишен работник од Хондурас, кој патува сам.