Рекордни 14 потврдени случаи со голема кашлица за еден ден во Скопје. Има од сите возрасти – деветмесечно бебе, возрасен од 43 години како и деца кои одат во градинка и училиште. Целосно заштитени, делумно вакцинирани но и прваче кое нема ниту една вакцина од задолжителниот календар, велат од скопскиот Центар за јавно здравје, а објавува Сител..

Во главниот град досега има 138 случаи. За да спречат ширење на болеста, од Комисијата за заразни болести денеска побараа позасилени контроли на Државниот санитарен и здравствен инспекторат низ градинките за да видат дали примаат невакцинирани.

– Препорачуваме Државнот санитарно здравствен инспекторат да го засили инспекцискиот надзор на територијата на Град Скопје, да добиеме пореална слика дали се почитува препораката на Комисјата, дали се примаат или не се примаат невакцинирани деца во градинките, вели д-р Злате Мехмедовиќ портпарол на Комисијата за заразни болести.

Возрасните не се ризична категорија велат од Инфективна, туку децата под две години и затоа не секој што кашла треба да оди на ПЦР тестирање.

– Имал кашлица која не била постојана, а пациентот немал друга клиничка слика, па направил тестирање на Институтот и имал претусис. Возрасните луѓе не се ризична категорија за која треба да се грижиме. Ако го тестираме целото население ќе биде хаос и бројките ќе бидат и поголеми од предвидените. Целта на Комисијата за заразни болести е да се заштитат децата под две години, вели д-р Фадил Цана, директор на Клиника за инфективни болести.

Вакцини за возрасни треба да стигнат во државата околу 15-ти овој месец и тие ги препорачуваат за лица кои живеат со мали бебиња.

По неколку регистрирани има и во други градови, но според Комисијата за заразни болести состојбата на национално ниво не е загрижувачка.