Тим тинејџери од Република Македонија е еден од петте победнички тимови што ќе добијат стручно менторство и 20.000 долари почетни финансиски средства за проширување на својата иницијатива со мобилната апликација Speak Out – која има за цел да создаде заедница за поддршка на жртви од врсничко насилство.

-Денеска во Њујорк, УНИЦЕФ и партнерите ги објавија петте победници во светот на предизвикот Generation Unlimited. Тимот „АндроМета“, составен од тинејџери од Македонија, со мобилната апликација Speak Out – која има за цел да создаде заедница за поддршка на жртви од врсничко насилство – е меѓу оние кои ќе добијат стручно менторство од партнерите на Generation Unlimited и по 20.000 долари почетни средства за проширување на својата иницијатива, соопшти денеска Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

Младинскиот предизвик е дел од глобалната иницијатива Generation Unlimited која ја промовираа светските лидери вклучувајќи го генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутерес, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и извршниот директор на УНИЦЕФ Хенриета Фор и има за цел сите млади на возраст од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030 година.

-Земјата треба да се гордее со овие млади и бистри умови. Тие докажуваат дека кога ќе им се даде можност, младите овде имаат идеи и енергија да создадат подобар свет за себе. Преку соработка, тие не само што се фаќаат во костец со некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација, туку и учат нови преносливи вештини како што се вештините за решавање проблеми, иновација, претприемништво кои ќе им помогнат да одржат чекор со променливите барања на пазарот на трудот на утрешницата и ќе придонесат за просперитет на државата, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

SpeakOut е мобилна апликација која ги мотивира младите анонимно да побараат помош и да дадат поддршка на своите врсници. Ним им се нудат две опции за добивање помош. Јавно да објават и да добијат помош од другите членови во заедницата или да разговараат со волонтер, приватно, еден-на-еден.

Членови на тимот се Александра Поповска – 18 години, Дарио Стојанов – 16 години, Матеј Плавевски – 16 години, Амра Личина – 17 години и Данче Петрушевска -18 години.

Земајќи предвид дека иако талентот е универзален, можностите не се, младинскиот предизвик Generation Unlimited, велат од УНИЦЕФ, беше осмислен за поддршка на младите кои имаат одлични идеи, но немаат ресурси да ги претворат идеите во стварност.

Во младинскиот предизвик Generation Unlimited се вклучија повеќе од 800 иноватори од 16 земји за да побараат одговор на неодложното прашање: како да се постигне секој млад човек да добие образование, вештини и оспособеност за изградба на подобра иднина.