Излезноста на вториот круг од претседателските избори до 17 часот изнесува 38,23 проценти. Гласањето се одвива тековно и нема пријавено нерегуларности на гласачките места, информира на денешната прес-конференција директорот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски.
Посочи дека од вкупно обработени 95,53 проценти од податоците од избирачките места досега гласале 665.985 гласачи или 38,23 проценти. Доколку се обработени сите податоци се стасува до бројка од 670 до 689 илјади гласачи.
– Досега изборниот ден поминува без посериозни нарушувања, не се пријавени никакви нерегуларности на гласачките места, што е важно за нас како државна изборна комисија и се надевам дека и така ќе заврши гласањето и ќе имаме констатација дека изборниот ден поминал мирно, рече Дерковски.
Потенцираше дека очигледно е дека ќе биде надмината потребниот цензус за успешност на вториот круг на претседателските избори, со оглед на тоа дека ова се податоци до 17 часот, јасно е дека се потребни уште неколку проценти за да се надмине цензусот.
Од општините со поголема излезност се Крива Паланка со 61,20 отсто, Аеродром – 45,49, Битола – 45,56, Богданци – 49,08, Валандово 51,66, Велес – 51.76, Градско 53,52, Делчево 50,55, Демир Капија 60,2, Кочани 45,04, Карбинци – 52, Крива Паланка -61,28, Крушево – 59,68 и Прилеп 53,16..
Најниска е излезеноста во Боговиње со 14,04 отсто, Вратница – 15,83, Гостивар – 19,59, Липково – 19,94, Маврово и Ростуше – 24,35, Арачиново – 26,18.
Во општините каде се гласа за градоначлалник до 17 часот во Ново Село гласале 4.987 лица или 43,83 отсто, а во Охрид 47,02 отсто или 24.576 граѓани.
Комисијата на ДИК одлучувала по два приговори, кои се однесувале за неостварено избирачко право. Двата приговора се одбиени, затоа што, лицата своите лични документи за идентификација ги извадиле откако е затворен единствениот избирачки список.
Одговарајќи на новинарски прашања за наводни неправилности во Шуто Оризари, каде претставник на политичка партија организирал превоз на гласачи и агитирал, како и дека од службен телефон од Општина Тетово се испраќани пораки до вработени да излезат на гласање, претседателот на ДИК, укажа дека за таквите наводи треба да има докази и да се достават до ДИК, која ќе постапи по службен пат.
Следната прес-конференција на ДИК е закажана за 19 часот.