Постигнат е цензусот за избор на претседател на државата. Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), излезеноста на гласачите до 18:30 часот изнесува 44,5 проценти.

На половина час пред затворањето на гласачките места во вториот круг на претседателските избори на гласање излегле 795,577 граѓани според обработени 97,61 процент од 3.428 избирачки места, рече на прес-конференција претседтелот на ДИК, Оливер Дерковски.

Тој оцени дека изборите поминале добро, мирно, достоинствено и без поголеми нерегуларности. На избирачките места досега не се пријавени нерегуларности, а за околината се надлежни други органи и доколку има тоа треба да се пријави. Според податоците на ДИК покажуваат дека највиока е излезеноста во општините Крива Паланка каде на гласање излегле 70,49 проценти, а висока е излезеноста и во Гевгелија 66,17 проценти, Битола 53,26, Вевчани 65,23, Демир Хисар 67,12 проценти, Дојран 65,2 проценти, Кавадарци 61,15 проценти, Карпош 55,91 проценти, Крушево 66,97 проценти, Македонски Брод 66,87 проценти… Најнизок е одѕивот во општина Желино и изнесува 15,42 процента, а ниска е излезеноста и во Центар Жупа со 17,43 проценти, Гостивар, Липково и Теарце со околу 23 проценти, по што следат Шуто Оризари со 26,91 и Арачинов со 30,65 проценти.

На локалните избори за градоначалник во општина Ново Село до 18:30 часот гласале 5.683 лица или 50,01 процент, а во Охрид 28.300 гласачи или 54,04 проценти.

Првичните неофицијални резултати од претседателските избори може да се следат во живо на веб страницата на ДИК.