Низ Париз денеска протестираа 5.000 демонстранти од движењето Жолти елеци, кои протестираат десет викенди со ред против владата на францускиот претседател Емануел Макрон. На протестот, покрај другите слогани кои беа извикувани беше и „Макрон, поднеси оставка“.

Најмалку 12 лица се приведени, како што соопшти полицијата, поради носење оружје во текот на протестите кои и денеска беа организирани ширум Франција. Како што е сооопштено, денешните протести, главно, минале мирно.

Демонстрантите се собраа пред зградата на францускиот Парламент и шетаа низ Париз по левиот брег на реката Сена, пренесе Ројтерс.

Агенцијата наведува дека протестната поворка минала мирно, но многубројни бутици и други објекти биле затворени од превентивни причини.

Неименуван извор од полицијата изјавил дека во Париз имало околу 5.000 демонстранти од кои дел биле собрани во близина на авенијата Елисејски полиња, а слични протести биле организирани и во други поголеми градови низ Франција.

Дел од демонстрантите од протестните поворки го извикувале слоганот „Макрон, поднеси оставка“, а некои носеле предмети со форма на ковчег, укажувајќи со тоа на 10 лица колку што досега загинаа во протестите, главно во несреќи поради блокади на патиштата.

Агенцијата потсетува дека протестите почнаа поради незадоволство од зголемувањето на таксите за гориво, кои подоцна беа намалени, но протестите станаа израз на масовно незадоволство спрема Макрон поради многу други прашања.

Протестите во декември ескалираа во хаос и насилство, какво што со децении не е видено во Париз, но досега овој месец нивото на нереди значително е намалено.

Францускиот претседател Макрон иницира низа дебати на национално ниво, како одговор на незадоволството на граѓаните и да си ја поврати поддршката од нив.