Додека здравствените работници ја чекаат јануарската плата, пациентите од цистична фиброза лекот трикафта, дијабетичарите, пак, ги чекаат лентите за мерење гликемија, кои веќе два месеци не им се достапни на пациентите. Освен инсулински ленти, околу 200 дијабетичари во Штип веќе втора недела не можат да дојдат и до потребниот тип на инсулин, па приморани се шеќерот во крвта да го регулираат со друга заменска терапија, која одбиваат да ја примаат стравувајќи за своето здравје.

Од Здружението на дијабетичари велат дека ваквата состојба го загрозува здравјето на заболените од дијабетес и бараат државата да најде начин секој пациент навреме да ја прима терапијата.

Во штипскиот Центар за дијабет работат само две докторки и секојдневно прегледуваат повеќе од триесетина пациенти.

Да се живее со хронично заболување како дијабетесот, пред сé значи секој ден, секој час да се биде дисциплиниран, односно редовно да се мери гликемијата, да се внимава што и колку се јаде и пие, да се биде физички активен, но и да се зема препишаната терапија и уште ред други задолжителни обврски, што дополнително го прават дијабетесот да биде состојба која бара многу од секој кој ја има.

За тоа кога ќе биде испорачан инсулинот кој во моментот недостига, како и инсулинските лентички прашавме и во Министерството за здравство, но одговор не добивме.

Инаку, во Македонија 135 илјади лица ја имаат дијагнозата дијабетес, од кои околу 45.000 луѓе живеат со инсулин, а од нив околу 600 се деца до 18 години.