До 10 часот во првиот круг од Претседателските избори излегле 81.869 гласачи односно 6,05 проценти.

Гласањето тече без некои неправилности, информира денеска на првата прес-конференцијата портпаролот на Државната изборна комисија Љупка Гугучевска.

Со задоцнување од еден час е отворено гласачко место во општина Боговиње со број 2073, но веќе гласањето е почнато и тече без проблеми.

Едно гласачко место во општина Студеничани 2344 до овој момент се уште не е отворено. Со оглед дека отворањето доцни повеќе од три часа, нагласи таа, таму гласањето денеска нема да се одржи.

Во моментот околу гласачкото место во Студеничани информациите со кои располага ДИК се нецелосни. Откако ќе добиеме официјален записник од изборните органи за тоа што точно се случило таму, подвлече Гугуческа, ќе ја известиме јавноста.

– Запишани се околу 60 – тина избирачи на гласачкото место 2344. Гласањето се повторува доколу вкупниот број избирачи запишани на тоа избирачко место може да влијае на целокупните резултати од гласањето на ниво на држава бидејќи гласаме за претседателски избори. Откако ќе бидат објавени резултатите од гласањето на ниво на држава ќе знаеме дали таму ќе биде повторено гласањето, појасни портпаролот на ДИК, Гугуческа

Од општините кои досега имаат повисока излезност се издвојуваат Прилеп 11,05 проценти, Свети Николе 15,48, Пехчево 10,22, Новаци 10,65 проценти, Демир Хисар 10,12 и Македонски Брод 10,11 проценти.

Најниска излезност до 10 часот се Боговиње 1,71 проценти, Липково 0,97, Долнени 1,85 проценти, Желино 1,82 и Пласница со 1,58 проценти.

Инаку, на 3.480 гласачки во 80 општини право на глас имаат 1.808.131 гласач.

Гласачите имаат право на приговори кои можат да ги поднесуваат на образец што може да го добијат на секое гласачко место или електронски на веб-апликацијата prigovori.sec.mk.

Денешниот изборен ден го набљудуваат 3.150 домашни, 419 странски набљудувачи, 289 преведувачи, 20 странски новинари на кои ДИК им достави акредитации.

Новина која ја воведе ДИК е тоа што за граѓаните со оштетен слух и говор  денеска на денот на изборите активен ќе биде телефонскиот број  076 488 360 на кој преку видео повик ќе можат да постават прашање до ДИК и да добијат одговор на македонски знаковен јазик.