Дополнителната заменик-министерка за финансии од редовите на опозицијата Гордана Димитриеска Кочоска денеска во контрареакција на прес-конференцијата на министерката Нина Ангеловска праша зошто се оди кон задолжувања ако Буџетот е во добра кондиција.
На прес-конференција одржана по онаа на министерката за финансии, Димитриеска Кочоска рече дека не може да се земаат кредити ако има ликвидност на Буџетот.
– Дали таа зема кредити за да има одредена комоција, а после тоа чека да дојде денот да врати друг кредит и при тоа плаќа и камата на кредитот кој што го земала, а ја плаќа каматата и на кредитот којшто ќе го раздолжи во некој иден период, нагласи дополнителната заменик-министерка за финансии.
Таа ја праша министерката за финансии зошто повратот на ДДВ од 15 милиони евра го извршиле во јануари, наместо во декември.
– Дали на овој начин ја изманипулира јавноста со процентот на наплата на данокот на додадена вредност? Воедно ја прашувам зошто фирмите мораше да чекаат подолго време да си го добијат својот поврат на ДДВ иако знаеме дека сите тие се борат со проблемот со ликвидност, рече Димитриеска Кочоска.
Во однос на изјавата на Ангелова, дека каматните стапки се ниски, а во минатото биле високи, дополнителната заменик министерка потсети дека каматните стапки се формираат на меѓубанкарскиот пазар на пари каде што еуриборот е основата на која што се додава одреден процент на ризик и на основ на тоа се формираат каматните стапки. Во моментот еуриборот е во минус, а, како што нагласи Димитриеска Кочоска, ние повторно плаќаме позитивни камантни стапки.
– За она што го кажа Ангелова, дека побарувачката за државните записи на 14 јануари била многу поголема отколку понудата, ќе посочам дека ова е жално да го каже министер за финансии од причина што кога банките имаат вишок на ликвидност – да, тие даваат поголема побарувачка, бидејќи немаат каде да ги пласираат парите, а зошто немаат каде да ги пласираат парите заради тоа што фирмите тонат. Да ги погледнеме податоците од Народна банка и да видиме какви реструктуирања прават во кредитите, тонат во проблеми со ликвидност, немаат никаков интерес за инвестирање од оваа хаотична бизнис-клима и токму заради тоа побарувачката на 14 јануари беше толку повисока во однос на понудата, констатираше дополнителната заменик-министерка за финансии.
Во врска изјавата на Ангелова, дека имаат професионална и коректна соработка со дополнителната заменик-министерка, Димитриеска Кочоска рече дека сите барања кои ги има упатено до министерката не се одговорени.