Етногенезата на македонскиот народ е дефинирана и не смее да дојде во ниту еден момент под знак прашање редефинирање на припадноста дали сме ние Македонци или не, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во синоќешното гостување во Дневникот на ТВ Сител.

Тој изјави дека треба многу внимателно да се решава проблемот со Бугарија, а преговарачот Владо Бучковски треба веднаш да се повлече.

– Треба да се оди многу внимателно со бугарското прашање, бидејќи етногенезата на македонскиот народ е дефинирана и не смее да дојде во ниту еден момент под знак прашање редефинирање на припадноста, дали сме ние Македонци или не. Преговарачот којшто е во Бугарија, господинот Бучковски треба веднаш да се повлече, бидејќи имаме многу покомпетентни лица кои можат да работат посериозно на оваа тема. Впрочем, има одличен амбасадор, има луѓе со искуство кои треба да продолжат да разговараат со бугарската страна, да се очекува исходот во Бугарија со формирање на новата Влада која не очекувам да се формира пред средина на декември, рече Димитриевски.

По изборот на старо-новиот претседател на Бугарија, Румен Радев, во првата изјава тој рече дека „не треба да се отстапи од позициите кон Македонија“.