Знам дека молчењето некогаш е мудрост, но во овие моменти вие не смее да молчите, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во денешното гостување во Студио 10, алудирајќи на молкот на Бујар Османи за актуелниот француски предлог за македонско-бугарскиот спор.

Димитриевски праша зошто народот го плаќа Османи и што е неговата работа како министер за надворешни работи којшто е вклучен во самиот процес.

– Има обврска да го брифира премиерот, да брифира членови на Владата. Таму имаме цел тим којшто работи на оваа проблематика. Што прават? Зошто молчат? Јавноста мора се да знае. Три, четири дена јавно се шпекулира, јавно се говори во јавноста, јас верувам и знам дека молчењето е мудрост и некогаш молчењето е многу умна работа, но во овие моменти вие не може да молчите. Молчев три дена и очекувам објаснение. Никој ништо не кажа, рече Димитриевски.

Тој истакна дека не може нашите партнери во странство да ја бранат Македонија и македонскиот идентитет, јазик, самобитност и државност повеќе од нас самите.

– Што правиме ние? Молчиме. Па во странство се говори повеќе за овој проблем, отколку кај нас дома. Ова мора да го решиме. Спомените од втората светска војна уште се живи, имаме учесници во Втората светска војна. Баба ми има 95 години, ден денеска памети што се случувало. Зошто еден бугарски политичар не се одважи и не излезе јавно да се извини за сето она што го имаат направено во рамки на Втората светска војна? Јас не ги окривувам граѓаните на Бугарија, не се фашисти. Но, факт е дека Бугарија била составен дел на фашистичката коалиција и режимот во Бугарија бил фашистички штом дал една таква поддршка. Тоа целиот свет и светската историја го пишува. На крајот, ние да ги бришеме спомениците. Нека дојдат да избришат споменик во Куманово ќе видат што ќе се случи. И да го видам тој којшто ќе биде подготвен да дојде да брише било каков споменик, потенцираше Димитриевски.