Никогаш немам кажано нешто негативно за мојата партија СДСМ, но ќе потенцирам дека луѓето кои што сега ја водат и менаџираат се далеку од социјалдемократските вредности и партијата ја трансформираа во своевидна приватна фирма, вели градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Тој за порталот МКД најавува дека ќе формира граѓанско движење „За наша Македонија“, според примерот на тоа „За наше Куманово“ и дека ќе го активираат истото штом биде најавено одржување на парламентарни избори.

Новото движење, како што вели Димитриевски на парламентарните избори ќе излезе со „реално прифатливи политики како понуда со кои првенствено ќе се направи ред, правен поредок и просперитет на државата, со акцент на економски развој и владеење на правото“.

– Тоа ќе биде движење со лев карактер и со централни политики по однос на националните прашања на државата, додава Димитриевски.

Тој истакнува дека имало иницијативи од различни категории граѓани и од различни места од Македонија кои сакале да се вклучат и да дадат придонес за развој на такво движење.

– Главната наша сила ќе се црпи од граѓаните и ќе се работи за интересите на граѓаните, а во никој случај во интерес на некој политички субјект или поединец. Движењето е веќе регистрирано во Куманово како невладино, а во моментот кога ќе добиеме информација за времето на одржување на следните парламентарни избори, движењето ќе биде официјало промовирано во јавноста, вели Димитриевски.

Тој за МКД вели дека веќе се работи на програмата и има експерти од сите општествени области.

– Ние сме подготвени да соработуваме со секоја држава, но која ѝ мисли добро на Македонија, додава Димитриевски.