Во очеување на конечните резултати од завчерашните вонредни парламентарни избори во Бугарија и со надеж дека по нив ќе се формира функционален парламент и политичка влада што ќе овозможи продолжување за разговорите за повлекување на бугарското вето за старт на преговорите на Македонија со ЕУ, македонските власти порачаа дека за земјава не постои друга алтернатива освен европската интеграција и нема простор за евроскептицизам, но и дека условите за влез во Унијата мора да бидат на линија на европските вредности.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вчера во обраќање на меѓународниот симпозиум Сими во Грција, порача дека случајот на Македонија покрена сериозна загриженост за влијанието и кредибилитетот на ЕУ во регион, чијашто иднина природно е да биде европска.

– Искачивме планина на нашиот пат, надминувајќи го проблемот со Грција преку Преспанскиот договор. Но, тој договор беше можен само затоа што Грција го прифати нашето право на самоопределување. Прашањето за тоа кои сме и каков јазик зборуваме е наше и во 21 век не е само неевропски, туку е и непристојно друг да го прави. Дали една земја членка, само затоа што е членка, има право да поставува секакви услови на земја кандидат за влез? На пример, да побара да нема слобода на медиуми? Токму ова се случува. Значи тие услови мора да се на линија со европските вредности, оти, наречете ме идеалист, ама за мене, уште од студентските денови, Европа не е само економски џин, туку е збир на идеали и вредности и низ тие вредности треба да биде ценет нашиот напредок, рече Димитров.

Во однос на обидите за надминување на пречките за одржување на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, Димитров нагласи дека ова прашање е релевантно како за иднината на нашата земја, така и за иднината на Европа.

– Надминувањето на блокадата од бугарска страна е прашање кое тежи многу повеќе и одекнува подалеку од односите Скопје-Софија. Триото претседателства моментално предводено од Словенија вложуваат сериозни напори за изнаоѓање решение, бидејќи влогот е голем и на страната на ЕУ. Воедно, ова прашање ги поткопува и релациите меѓу граѓаните поради што влијае и врз перспективите за одржување стабилност, рече Димитров.

Димитров нагласи дека политиката на вето создава антагонизам, и како што рече, на последните анкети нашите граѓани гледаат најголема закана токму од Бугарија.

– Затоа се надевам дека со идната бугарска влада ќе можеме да постигнеме разбирање за заедничка победа, и за нас и за нив и за регионот и за цела Европа. Истовремено, ние остануваме посветени на европеизацијата – спроведување на реформи за вградување на европските стандарди дома, бидејќи тоа и е суштината на пристапниот процес, посочи Димитров.

Во исто време, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на средба со евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир ја потврди определбата на земјава да опстои на патот кон интеграцијата во ЕУ и ја нагласи важноста од посредувањето на Унијата во надминувањето на спорот со Бугарија.

Груби истакна и дека нема простор за евроскептицизам, како меѓу политичките елити, така и меѓу граѓаните, бидејќи сите наши достигнувања се заеднички со ЕУ и земјава ќе продолжи на таквиот пат.

Во очекување Собранието да закаже седница на чиј дневен ред ќе се најде Предлог-резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за државната позиција во однос на разговорите со Бугарија, најголемата опозициска партија вчера апелираше СДСМ и ДУИ да го поддржат предложениот текст, кој, како што тврди, ги „истакнува црвените линии и ги штити јазикот, нацијата и идентитетот“.

– Резолуцијата е рамка од која не смее да излезе ниту Зоран Заев, ниту која било друга влада. Очекуваме да се надминат партиските интереси и сите да застанат зад интересот на државата. Резолуцијата ќе биде национален став и како таква може само да ги зацврсти македонските позиции, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Според неофцијалните резултати од неделните парламентарни избори во Бугарија, тесна победа извојува партијата Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов, пред коалицијата на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот премиер Бојко Борисов.

И по овие избори, ниту една партија или потенцијална коалиција, не обезбиди доволно мандати во бугарското Собрание за формирање стабилно владино мнозинство, па Трифонов вчера најави дека ИТН „ќе преземе одговорност за владата и ќе предложи независен кабинет“, предлагајќи и листа со имиња на министри.

Според предлогот на Трифонов, нов премиер би бил Николај Василев, кој беше вицепремиер во Владата на Симеон Сакскобурготски од 2001 до 2005 година, а шеф на дипломатијата би бил дипломатот Ради Најденов.

Трифонов минатиот месец на предизборен собир на неговата партија во Пловдив порача дека земјава „не ќе може да ги започне преговорите за членство во ЕУ без да ги исполни потребните услови“.