Бившиот вицепремиер и долгогодишен министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој додека беше на власт потпиша капитулантски договор со Грција, преговараше со Бугарија, сега посочува грешки за концесиите кои Македонија ги дава кон соседите.

– Во интервју за Еуроактив премиерот (Кирил) Петков најавува дека со премиерот (Димитар) Ковачевски ќе испратат заедничко писмо до Брисел со кое ќе побараат вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав да стане европски услов и за неговото исполнување да гарантира Брисел.
Значи ние самите бараме бугарското барање да стане европско. Понатаму, Петков зборува за некаква потреба од правна заштита за етничките Бугари кај нас, нешто што веќе е уставно гарантирано за сите македонски граѓани без разлика на нивната етничка припадност, објави Димитров на неговиот профил на Фејсбук.

Натаму тој посочува за штетните последици за Македонија од заедничко писмо:

– Ако ова писмо се прати, Владата практично би се обврзала на нешто за кое не е уставно надлежна (измена на Уставот прави Собранието со 80 пратеници) и второ – повторно ние правиме концесија, без притоа да има договор за прашањата што во проблемот со Бугарија нам ни се клучно важни, како на пример – чист македонски јазик во преговарачката рамка.
Ова или води кон целосна победа/пораз договор, или кон отежнување на било каков договор во иднина, бидејќи со оваа тактика јасно е оти ќе останат како нерешени само прашањата што нам ни се суштествени. Затоа, за овој чекор да има елементарна логика, во најмала рака Бугарија во истото писмо треба да се обврзе дека ќе ја прифати рамката во која за македонскиот јазик нема да има (до)објаснувања, заедно со другите суштински елементи за македонската страна, како што е на пример фактот дека нашето делување во Советот на Европа никако не може да се подведе под мешање во внатрешните работи на Бугарија. Главното прашање е – дали е тоа обезбедено? Искрено се надевам дека е така. Оти без таква гаранција, ова не само што би било исполнување на уште едно нивно барање без никаква возвратна концесија, туку е рамно на национален пораз, објави Димитров на Фејсбук.

Сега Димитров, како бивш функционер е непрепознатлив во споредба со некогашниот Димитров, кој се смешкаше од авионот со кој „добивме датум од ЕУ“, како и насмевките при потпишувањето на Договорот од Нивици за смена на уставното име на Република Македонија.

(Д.Г.)