Благодарам на партијата СДСМ за укажаната доверба да раководам со оваа институција, објави на Фејсбук Милкије Халими, поранешна градоначалничка на Општина Арачиново, која како кадар на СДСМ е избрана за генерален директор на Аеродроми на Македонија.

– Ќе работиме и ќе се фокусираме на интегрирање и склопување на системите на оваа институција со фокус на зголемување на квалитетот на услугите за сите корисници, како и зголемување на ефикасноста и ефективноста на работењето на институцијата генерално, напиша Халими на Фејсбук.

Таа е назначена за генерална директорка на АД Аеродроми на Македонија, во државна сопственост. На функцијата доаѓа со одлука на Надзорниот одбор на претпријатието кое управува со двата аеродрома – скопскиот и охридскиот, во делот кој не е под концесија на ТАВ, како и со спортските аеродроми. Халими е назначена по препорака на Владата која го задолжи Надзорниот одбор да го разреши досегашниот директор Трајче Ангеловски.

Халими за новата функција се заблагодари на матичната партија СДСМ и најави дека ќе се заложи за зголемување на квалитетот на услугите за корисниците.

Халими во 2017 година стана првата жена градоначалник на Арачиново, а по завршувањето на мандатот се вработи во Царинската управа. Таа го привлече вниманието на медиумите бидејќи за позицијата инспекторка во Царината конкурираше со завршено средно медицинско образование.