Патека за крос трки со мотори се гради во заштитеното подрачје кај скопскиор Аквадукт, а никој не знае кој е градителот на дивоградбата.

Од здржението О2 Иницијатива уште вчера на својот профил на Фејсбук алармираа и објавија фотографии од камиони кои носат земја за трасирање на крос патеката. Екологистите додаваат дека режимот на заштита на аквадуктот забранува да се внесуваат капацитети или да се воведуваат нови намени што предизвикуваат бучава, вибрации и загадување на околината.

– Поднесовме претставка до Управата за заштита на културно наследство, Инспекторатот на Град Скопје и Општина Карпош, па да видиме колку се почитува Одлуката за овој споменик како културно наследство од исклучително значење, наведуваат од О2 Иницијатива.

Од Инспекторатот на Град Скопје велат дека уште вчера попладне по пријава излегле на терен и забележале дека се подготвува терен бидејќи имало истурено земја и биле поставени гуми.

– Инспектори и денеска беа на локацијата, но не затекнаа никого за да може да се знае кој ги врши овие активности и на кого да му пишеме пријава. И попладне ќе излеземе на терен, а во меѓувреме издаден е налог просторот да биде исчистен односно гумите и земјата да се отстранат, велат од Инспекторатот на Град Скопје.

Со одлуката на Владата донесена лани Аквадуктот се вбројува во категоријата добра од општ интерес за држава и има посебна заштита според Законот за заштита на културното наследство.

Видеото може да го отворите ТУКА.