Поради продор на студена воздушна маса од север, утре попладне и в четврток во Македонија ќе има локални врнежи кои речиси насекаде ќе бидат од снег и позастапени во западните делови, каде што освен на повисоките места,  тенка снежна покривка некаде ќе се создаде и на пониски места.

Во вонредна прогноза Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека врнежите ќе завршуваат во ноќта кон петок, кога ќе следува период со значително ниски температури.

-Во петок и за време на викендот ќе биде суво и многу студено, а температурата во поголем дел од земјава преку целиот ден ќе се задржи под нулата. Најстудено ќе биде наутро за време на викендот кога температурата во Малешевијата и во Пелагонија ќе се спушти и до -12 Целзиусови степени. Студено ќе биде и на почетокот на следната недела, а потоа температурите ќе бидат малку повисоки, информира УХМР.

Во следниве денови ќе дува умерен до повремено засилен ветер од северен правец, поизразен утре и потоа во петок и сабота.