Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски образовни прашања формирана согласно Договорот за добрососедство ќе се состане повторно на 19 и 20 февруари во Скопје.

Шефот на бугарската експертска комисија за ревизија на историски и образовни прашања со Македонија, Ангел Димитров најави дека ќе се разговара за заедничкото одбележување и прослава на личности и настани од, како што вели, заедничката историја.

Во изјава за БТВ Димитров истакнува дека на средбата ќе се види дали посетата на македонскиот премиер Зоран Заев во понеделникот, навистина била политички знак на благодарност кон Бугарија за помошта и за соработка на патот кон натамошно зближување.

Во интервју од минатата година Димитров изјави дека „македонизмот е крахиран“. Тој во интервју за бугарска телевизија порача дека Гоце Делчев е Бугарин, но може да го слават и Македонците како херој.

Според Димитров има периоди за кои македонските експерти нема да можат да најдат аргументи за да ги негираат фактите и бугарската интерпретација.

– Гоце Делчев може да биде херој на двете држави. Делчев, кој е Бугарин по потекло, работел за слободата на Бугарите што живееле во некогашната географска територија Македонија, зашто тој загинува на територијата на денешна Грција, која се вика Беломорска Македонија. Тој е херој на сите нас и тоа треба да биде разбрано од нашите колеги во Република Македонија, изјави Димитров.

Првиот бугарски амбасадор во земјава вели дека Бугарија не може да и наложи на Македонија да избере нов идентитет, но треба да е јасно дека државата настанала како резултат на политичко решение.

– Научно кажано, тие сакаат современата македонска нација да биде формирана објективно историски, а всушност, таа е резултат на политички одлуки, т.е. нејзиното формирање освен што е силувано, освен што е однадвор, освен што не е резултат на внатрешно движење кон таа државност и нов идентитет, е, во крајна линија, субјективно-политички чин“, вели Димитров.