Ништо не е црно-бело. Ниту раководството на СДСМ е 100 % право, ниту учесниците во платформата „Разговори за иднината во 12:05“. Вистината е дека актуелното раководство на СДСМ, кое е предмет на критика, не е причина туку последица на политика која во многу подолг временски период, стапка по стапка, губеше контакт и со социјалдемократијата и со членството и со граѓаните”.

Ова е ставот на истакнат член на СДСМ, кој избира анонимност, затоа што не сака да го ставаат во оваа или онаа група, во време кога, како што вели „вистината е некаде помеѓу”.

Тоа е еден од многуте, кои со внимание ги следат критиките што се разменија меѓу припадниците на „исто стебло“, особено реакциите на СДСМ по јавните изјави на Игор Ивановски, учесник во платформата платформата „Разговори за иднината во 12:05“ и поранешен висок функционер во партијата. Ивановски на ТВ Сител изјави дека постои поздемен договор меѓу власта и група поединци во СДСМ, заради лични интереси, со што власта добива време, а таа група – слобода, анализира Катерина Блажевска за ДОЈЧЕ ВЕЛЕ на македонски.

Каде беше реформаторот?

Оваа, и други изјави од Ивановски, беа повод минатиот викенд СДСМ да испорача повеќе критики кон учесниците во платформата, која објави дека . СДСМ потсети дека Игор Ивановски, кој денес се претставува како реформатор и носител на „Платформата за иднината на Мицкоски“, бил генерален секретар на СДСМ, потпретседател на СДСМ, а на последните парламентарни избори во 2024 година, кога партијата ја загуби власта, бил шеф на тимот кој ја пишувал програмата и го подготвувал програмскиот конгрес.

„Зошто Ивановски, тогаш не направи своја реформска програма и не се кандидира против председателот Венко Филипче, кој победи со 18.000 гласови? (…) Особено е апсурдно кога во оваа ‘платформа’ се појавува и Славјанка Петровска – која во 2024 година беше носител на листа и министерка во владата на СДСМ. Тогаш кога рејтингот е полош, за тоа е крив некој друг, а таа сега ќе прави реформи?, реагираа од СДСМ.

Органите и телата на СДСМ неделава ќе дискутираат за учеството на актуелната пратеничката во споменатата платформа. Таа во подолга објава на Фејсбук направи ретроспетктива на нејзиниот ангажман во СДСМ во изминатите години.

„Останав СДСМ. Моето учество во Разговорите за Македонија не е против СДСМ, туку за СДСМ. Затоа што јас сум социјалдемократ и по убедување и по дејствување“, напиша Петровска.

Но, наведе и дека работите во партијата не се менуваат на подобро.

„Во 2024 година се кандидирав за претседател на СДСМ. Понудив програма наречена Манифест за социјалдемократијата. Се повлеков заради кршење на принципите и правилата. Но, во моите настапи секогаш ги бранев ставовите на раководството, за да не се толкува дека опструирам. Соработував и помагав за доброто на СДСМ. Но, работите не се менуваа на подобро“, оцени таа.

Мора да се разговара без суети

Нашиот соговорник од СДСМ не верува дека Петровска би била санкционирана заради учество во платформата.

„Славјанка е ценет член на партијата, личност која секогаш отворено го искажува својот став и секогаш работела за доброто на СДСМ. Таквите членови се драгоцени“, вели тој.

Но, потсетува дека токму во мандатите на дел поранешни функционери во СДСМ, кои денес разговараат за иднината на партијата и државата, биле исклучени многу членови заради различно мислење, без каков било дијалог. Меѓу нив е Нано Ружин, исклучен од партијата пред повеќе од две децении, затоа што ја прифатил понудата од ВМРО-ДПМНЕ да биде амбасадор во НАТО. На крајот од 2012 година, во пресрет на локалните избори во 2013 година, беа донесени одлуки за престанок на членство во СДСМ за Димитар Бузлевски и Виктор Цветковски кои се кандидирале за независни кандидати без согласност на матичната партија. Исклучен беше и Владо Бучковски исклучен „заради функционирање и работење спротивно на интересите на партијата”, по што ја формираше Алијансата за позитивна Македонија. Дел од исклучените се вратија во партијата откако нов лидер стана Зоран Заев.

„Секако дека имало стаутарни причини за такви одлуки, но немало да дојде до тоа ако претходно имало дијалог. Такви нешта се случуваат само кога нема разговори, разбирање и размена на аргументи. Јас се согласувам со констатациите на Ивановски дека СДСМ мора да се врати на членството, но важно е и ова: сите што сакаат да и помогнат на партијата, разговорите треба да ги водат внатре, и во партиското седиште. Ако тоа не им биде овозможено, тогаш би била поинаква приказната. Вака, имам впечаток дека никој не е искрен до крај“, вели нашиот соговорник.

Институциите и пркосот

Но, не се согласува со еден дел од ставот на Ивановски, кој на прашањето да наведе три конкретни нешта за кои Владата греши, посочи: отуство на резултати од борбата со корупцијата и криминалот, отсуство на резултати во подобрување на економијата и животниот стандард и трето – дека „институциите на функционираат, нема ред“.

„Ќе се осврнам поконретно на третото, бидејќи ја тангира и кадровската политика на СДСМ. Никој од партијата не реагираше кога Владата на Заев го разреши Стојко Пауновски, тогашен директор на Државниот пазарен инспекторат. Го разреши затоа што тој одби да прими 35 ‘рамковни’ административци, токму поради нивното несоодветно образование. Заев тогаш му порача на Пауновски дека ‘пркос’ не е дозволен. Никој од СДСМ не се загрижи како ќе функционираат институциите во кои се распоредува и се трупа несоодветен кадар. Затоа, кога се зборува за институциите, треба да се гледа каков пример сме оставиле. И затоа велам – никој нема чист образ денес да тврди дека аргументите се на негова страна. Сите, буквално сите, носиме одговорност што партијата денес е во состојба каква што е“, вели членот на СДСМ.

Удар однатре

Од првата сесија на платформата порачаа дека на прогресивната демократска јавност ѝ е потребна суштинска и објективна дебата, која мора да биде ослободена од вообичаената потреба за допадливост кон партиските лидери. Дека опозицискиот простор не треба да се пополнува со формирање нови партии, туку со длабока идеолошка и вредносна револуција, и дека на Македонија ѝ е потребен нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал кој ќе донесе промени.

И додека од платформата дојде оценка дека СДСМ е „виртуелна опозиција”, а од од СДСМ дека „реформаторите“ се обидуваат да го урнат СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ ги искоментираа последните соопштенија од Бихаќка.

„СДС признаа дека ударот преку платформата на поранешни функционери од партијата им доаѓа од внатре, што значи дека им пропаднаа лагите и манипулациите за тоа дека Мицкоски стои зад ова“, наведоа од партијата.