Во еден дом во Софија „живеат“ 45.000 Македонци со бугарски пасош.

Градоначалникот на  реонот Средец во Бугарија евидентирал над 45.000 странски државјани, кои се најдоа и на избирачките списоци во земјата за претстојните избори, бидејќи поседуваат бугарски државјанства. И не би било ништо чудно доколку не станува збор за Македонци, коишто се „станари“ на една иста адреса. Случајот го откри бугарската агенција БГНЕС, којашто објавува дека во избирачкиот список на најнаселениот реон во Бугарија има 1.000 страници и 45.752 имиња од кои најголемиот број на Македонци. Сите тие странци се заведени на истата адреса – улицата „Леге“ бр. 6 во Софија, на којашто се наоѓа управата на реонот „Средец“, пренесе Дојче Веле

-Според законот, сите лица кои добиле бугарско државјанство, а живеат во странство, добиваат постојана адреса во зградата на администрацијата на реонот, објаснува градоначалникот на Средец, Трајчо Трајков.

Според него, последните денови бројот на овие лица достигнал над 82.000. Тој вели дека често ги гледа луѓето кои доаѓаат за некакви административни услуги, но гласачките ливчиња, како што било секогаш досега, ќе останат неискористени.

Најголемиот број од лицата во списокот се со македонски презимиња кои добиле бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло.