Во новиот состав на косовскиот парламент, во десетте загарантирани пратенички места за немнозинските заедници, место ќе обезбеди и партијата „Единствена горанска партија“, а пратеник ќе биде дипломираниот инженер, Адем Хоџа, кој беше носител на листата.

Ова го објави весникот Илинден, гласило на истоименото македонско друштво од Тирана.

– Чест ми е што ќе ги претставувам моите Горанци во косовскиот парламент, но во исто време е голема обврска која ќе се трудам максимално доследно да ја обавувам. Секако главна моја задача во име на сите е подобрување на условите за живење во областа Гора, зачувување и активно промовирање на нашите културни вредности, обичаи и традиции, како и формирање општина Гора во согласност со Уставот и законите на Косово, изјавил Хоџа за Илинден.

Од партијата не го кријат задоволството од добиената поддршка, која првпат ја добиваат на целата терторија на Косово, а не само на подрачјето на Гора.

-За нас овие избори се историски. Тоа поради фактот што нашата листа доби голема поддршка не само во областа Гора, туку на целата територија на Косово. Тоа ни влева надеж да продолжиме со нашите залагања за унапредување на правата, но и подобрување на условите за живот во селата на Гора за да се стопира миграцијата на младите, велат од партијата.

Во областа Гора во девет населени места живеат Македонци со муслиманска вероисповед, познати како Горанци, кои говорат македонски јазик.