По деветдневна потрагата пронајдени се живи 12-те момчиња и нивниот фудбалски тренер, кои беа исчезнати во поплавена пештера во Тајланд.

Локалните власти соопштија дека 13-темината се спасени по обемната спасувачка операција во пештерата Там Луанг во областа Чијанг Раи.

Момчињата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер исчезнаа на 23 јуни, откако по обилните дождови нивото на водата беше зголемено и тие се нашле заробени во пештерскиот систем.

Операцијата за нивното спасување беше ризична и сложена поради надојдената вода и големи количества кал.

Дванаесет деца и нивниот фудбалски тренер пред 9 дена исчезнаа во поплавена пештера во провинцијата Чианг Раи, на Тајланд. Во потрагата беа вклучени 600 луѓе.

– Нуркачите ги пронајдоа живи сите 13 исчезнати, соопшти вчера гувернерот на провинцијата, Наронгсак Осотанак, и додал дека им се доставена храна.

Децата и тренерот се исцрпени и со повреди, а преживеале благодарение на водата што ја пиеле, која капела од сталактитите. Сега главниот предизвик е како да се извлечат од пештерата која е како лавиринт, а во моментов врне дожд, што уште повеќе ја отежнува ситуацијата.

Владиниот портпарол, Ахсит Чајнуват, рекол дека нуркачите на тајландската морнарица се со децата и дека спасувачите се обидуваат да инсталираат осветлување, да доведат струја и да достават средства за комуникација. Спасувачите сè уште бараат решение како да ги извлечат децата и велат дека тоа може да потрае долго време. Меѓу опциите е да се почека водата да се повлече или, пак, децата и тренерот да се обучат за користење нуркачка опрема за да испливаат од пештерата.

По исчезнувањето на децата, почна меѓународна потрага по нив. Нуркачите успеале низ тесните тунели и матната вода да допливаат до децата кои се пронајдени на карпа четири километри од влезот на пештерата. Нуркачите сега ја испумпуваат водата за децата побрзо да бидат извлечени, но дождот предизвикува проблеми.

– Ја испумпуваме водата за што побрзо да ги извлечеме децата. Но ако врне многу, нивото ќе расте и извлекувањето ќе биде отежнато, изјави министерот за внатрешни работи на Тајланд, Анупонг Паочинда.