Не престануваат да нé изненадуваат кадровските решенија на веќе старо новата влада. Во јуни изминува една година од владеењето на Заев, една година во која наместо ветените реформи и подобар живот најголем импакт оставија кадровските решенија особено советничките позиции во неговиот кабинет.

Да се потсетиме кој сé го советува Заев:

– Цветанка Ласкова како посебен советник за култура. Квалификациите кои ги исполнува за оваа нејзина позиција се: завршено средно образование, пејачка и Претседателка на Форумот на жени на СДСМ. Ќе остане запаметена по тоа што ја донесе Касандра во Македонија, што впрочем е и нејзин најголем успех.

– Љупчо Бубо Каров како надворешен советник на министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски. Веројатно ќе го советува како на шеговит начин да се прикажуваат вестите од политиките кои ги спорведува оваа влада за да не биде Македонија земја во која народот ќе изврши масовен суицид. Квалификациите кои ги исполнува Цацко Конопишки односно Бубо се долгогодишно учество во хумористичната серија К 15.

– Ленче Николовска како посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство. Долгогодишен уредник на емисијата Фармер. Како го советува премиерот Заев за решавање на откупот на зелки во неговото Муртино не е познато.

– Зоран Верушевски како национален координатор за безбедност и нешто силично. Биографијата на Верушевски и тоа како ни е позната на сите нас.

– Дарко Лешоски поет советник во секторот за комуникации и јавност, несуден директор на Струшки вечери на поезијата, искуство во УСАИД и пишување на поезија. Од крајот на 2017 година веќе не е дел од тимот на Заев, но затоа е компензиран од Министерство за култура со финансиски средства во износ од 120 илјади денари за проектот „Дионис-нова македонска поезија“.

– Љубе Бошковски како посебен советник за странски инвестиции. Неговата богата биографија кажува дека бил Министер за внатрешни работи во 2001 во Владата на Љубчо Ѓорѓиевски, во мај 2004 година Парламентарната комисија за мандатно-имунитетни прашања му го одзела пратеничкиот имунитет, поради сомневање за негова вмешаност во случајот Раштански Лозја, поточно за потикнување на убиство на шест пакистански и еден и ндиски државјанин. Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг покрена обвинение против него за случајот Љуботен, обвинение од кое беше ослобеден. Во 2011 уапсен за нелегално финансирање на изборна кампања, а особено бриљираше во видеото во кое го продава името. Останува да видиме каков економски бенефит ќе има Македонија од странските инвестиции кои ќе ги донесе брат Љубе, очекувам инвестициите што ќе ги донесе да бидат од Европа, Кина или Русија затоа што е на црна листа на САД.

– Џезаир Шаќири познат и како Комнадатн Хоџа е последното кадровско решение на Заев и негов посебен советник за безбедност или за тероризам не сум баш сигурна. Работната биографија на комнадант Хоџа кажува дека бил учесник во воениот конфликт од 2001 година и дека ги раководел припадниците на УЧК во Арачиново. И тој заедно со брат Љубе е на црната листа на САД. Многу веројатно ќе дели канцеларија со брат Љубе како стари воени другари кои се гледале преку нишанот во 2001 година. Под неговото будно око народот може мирно да спие и да биде сигурен дека безбедноста ќе ни биде на високо ниво.

Ова е само дел од дрим тимот на Заев кој треба да донесе подобар #Живот во Македонија, додека ги очекуваме новите кадровски решенија пред најавената реконструкција нека ни е на здравје.

М-р Мартина Антиќ