Владата ги скратила парите кои законски им следуваат на судовите и обвинителствата, а себеси си доделила 2,5 пати повеќе, констатирале државните ревизори анализирајќи го буџетот за минатата година.

Судската власт добила околу 40 милиони евра, но тоа е дури 63 отсто помалку од законски предвидениот лимит, а не постои никаков документ за причините, па така, ревизорите констатирале дека на овој начин се создава ризик од непречено стабилно и долгорочно финансирање на судската власт, со цел обезбедување на уставната и законски предвидената независност и самостојност на судската власт.

Обвинителството пак, добило само нешто над 10 милиони евра, што е половина од тоа што им следува согласно законот.

– Средствата кои се издвојуваат за финансирање на Судската власт во износ од околу 2,3 милијарди денари претставуваат 0,3% од БДП и истите се за 63 отсто помали од законски утврдениот лимит, додека за Јавното обвинителство одобрените средства во износ од околу 643 милиони денари претставуваат 0,21 отсто од средствата на Буџетот за 2022 година, иако согласно Законот за јавното обвинителство висината на средствата за работа треба да изнесуваат најмалку 0,4% од буџетот на државата, доколку со тоа не се нарушува праведната распределба на буџетските средства, констатирал ДЗР.

Но, затоа пак Владата за себе си доделила дури за 2,5 пати повеќе средства. Ова се должи поради антикризните Ковид мерки, кои не биле планирани при подготовка на буџетот.

Ревизорите укажуваат дека имајќи го предвид обемот на надлежностите, големината на буџетот, организациона структура, кадровската екипираност на Владата, поставеноста на внатрешните контроли, потребно е „да се преиспита актуелниот начин на буџетирање каде со планирањето во најголем дел реализацијата на парите се врши преку разделот на Влада и да се распределат средствата во буџетите на одделните институции согласно законските надлежности кои ги врши секоја одделно“.