Бурни реакции во Бугарија предизвика изјавата на министерот Оливер Спасовски дека го известил ЈО за случајот во кој детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, организатор на колонијата „Мал битолски Монмартр“, носи деца во Бугарија, кои потоа, без знаење на родителите, биле злоупотребени за средби со бугарски политичари, меѓу кои претседателот Румен Радев и Симеон Втори, син на бугарскиот Цар Борис Трети.

Тоа, како што објавија повеќе медиуми, во Македонија беше протолкувано како злоупотреба на деца за политички цели, што беше посочено и од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Денеска претседателот на партијата Граѓанско демократска унија, Петар Колев, кој во своите јавни настапи вели дека ги брани интересите на Бугарите во Македонија, при гостување на бугарската „ТВ Нова“ изјави дека постапката на Спасовски е исклучително брутална.

– Министерот за внатрешни работи на РСМ нареди да се покрене истрага против децата кои пред еден месец со соучениците се сликаа во Софија. Нешто што е крајно брутално. Имам чувство дека секогаш кога Македонија се обидува да направи чекор напред кон својот развој, „длабоката држава“ наоѓа начин да ја запре РСМ на патот кон ЕУ“, изјави Колев.

Лидерот на бугарската политичка партија Преродба, Костадин Костадинов, како што пренесе поратлот 360 Степени, побара бугарското Министерство за надворешни работи да го осуди, како што се наведува, тоа што се случува во Битола.

– По налог на министерот за внатрешни работи на С. Македонија, Оливер Спасовски, почна судскиот процес против 32 деца на возраст под 14 години, кои од вчера се на распит во Обвинителството. Овие репресии врз децата не се изолирана појава, туку банална практика во последните години. Зачестија особено од минатата година кога беше укинато ветото против членството на РСМ во ЕУ. Тогаш Бугарија ги охрабри сите антибугарски акции, вели Костадинов.

На социјалните мрежи реагираше и поранешната шефица на бугарската дипломатија и актуелна пратеничка, Екатерина Захариева, според која „достигнато е ново дно“.

– Не знам дали колегите разбираат како изгледа ова – како да прават очајнички чекори да се приклучат на многу познат светски клуб. Не, не се работи за Европската Унија. Туку за клубот на тоталитарните режими што се намалува. Всушност, можам само да помислам на наставник кој полицијата го гони за такво дело во Русија, Белорусија и Северна Кореја. И сите мислевме дека ја затворивме оваа темна страница на историјата на Балканот. Патетично, тажно, грдо и апсурдно!, напиша Захариева.

За настанот вчера реагираше и Меѓаши од каде велат дека „наместо децата да се третираат сериозно, тука се користат како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи“.

– Поради сето ова горе наведено, го повикуваме Основното јавно обвинителство (ОЈО) да преземе соодветни мерки особено поради инволвирање на децата од Македонија во политички кампањи во друга земја и неколкукратно прекршување на правата на децата согласно Конвенцијата за правата на детето и Член 12 став 4 од Законот за заштита на деца: ‘Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување, наведоа од Меѓаши.

За посетата на децата од Македонија во Бугарија на 4 јули на својот профил на Фејсбук објавил и претседателот на Бугарија, Румен Радев кај кого тие биле на средба. Радев напишал дека децата се пример за политичарите дека можат слободно да комуницираат без предрасуди.

– Ми беше задоволство што во претседателската институција примив триесет деца уметници од Бугарија и РСМ кои се во Софија по повод социјалната кампања на фондацијата Бугарска меморија „Од двете страни на границата“. Сликата на младите уметници пред зградата на Народниот театар „Иван Вазов“ го симболизира стремежот за единство меѓу Бугарија и РСМ, пишува Радев на Фејсбук.