Морето во Кина достигнало рекордно ниво минатата година поради зголемувањето на температурата на водата и топењето на глечерите и поларните ледени капи, соопшти кинеската Влада.

Според податоците објавени во студијата, нивото на морињата на кинеското крајбрежје во 2021 година било за 84 милиметри повисоко од просекот измерен во периодот меѓу 1993 и 2011 година.

Извештајот на Националниот центар за мониторинг на морска животна средина објавен во годишен билтен сугерира дека зголемувањето на нивото на морето предизвикано од климатските промени има константно влијание врз развојот на крајбрежните региони. Истовремено се бара од властите да го подобрат процесот на следење на односните промени, како и да се спроведуваат активности за рано предупредување и превенција.

Долгорочните ефекти од таквото зголемување на нивото на морето, меѓу другото, доведуваат до ерозија на крајбрежните еко-системи и исчезнување на плимните рамнини – плитките, често калливи области на брегот што се јавуваат со осеката. Тие се обично неплодни површини без каква било вегетација, а најчесто се среќаваат околу лагуните, бариерните острови, естуарите и делтите на реките.

Во исто време, покаченото ниво на морињата се закана за поплави во крајбрежните градови, се посочува во соопштението на Одделот за истражувања при кинеското Министерство за национални ресурси.

Нивото на морската вода околу Кина од 1980 година се зголемува во просек за околу 3,4 милиметри годишно што е повеќе од глобалната стапка забележана за истиот временски период.

Иако температурите на крајбрежните води во Кина минатата година малку паднаа споредбено со 2020, сепак тие се и натаму меѓу трите највисоки во светски рамки поточно 0,84 степени Целзиусови над просекот за периодот од 1993 до 2011 година.

Посочениот проблем со нивото на морињата ги натера властите во градовите на источното кинеско крајбрежје да изготвуваат планови за вовредни ситуации, додека во Шангај веќе се градат и посебни одводни тунели и т.н. плимни порти.