ДУИ се подготвува да се откаже од министерствата за животна средина и за образование, пренесува ТВ Телма. Едното ќе ѝ го отстапи на Алијанса, а другото ќе го менува за ресорот правда. Ова е една од шпекулациите по синоќешниот состанок на претседателството што заврши два часа по полноќ. Лидерот Али Ахмети потврди дека тој и Ковачевски водат разговори, но рано е да се каже дека Алијанса влегува во Владата.

„Беше отворена оваа тема. Средбите со нивни претставници ги остварив јас, а Ковачевски со Таравари. Ќе видиме каков епилог ќе има. `Се уште не е разговарано за детали, тоа е тековен процес. Ние како Албанци имаме потреба од поголемо единство, да бидеме малку поорганизирани во насока на остварување на мисијата“, изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ.

И портпаролот Бујар Османи потврди дека се разговара за проширување на Владата, бидејќи земјата се соочува со четири вонредни предизвици. Тоа се, пред сè, уставните измени, скринингот кој бара иннклузивност на партиите заради остварување на целта – Македонија членка на Унијата до 2030-та, но и подобро справување со економската и со енергетската криза.

На вчерашниот состанок во партиското седиште, таканаречените „огнени“ отвориле анализа и за работата на министрите но не станало збор за фракционерство.

Деновиве, имаше говоркања дека „огнените“ предводени од Изет Меџити ќе направат фракција во ДУИ доколку Алијанса влезе во Владата. Истовремено, лидерите Ковачевски и Таравари `се уште се држат до изјавите дека разговараат за европските перспективи на земјата а не и за приклучување на оваа опозициска партија кон владеачката коалиција.