Против отворање на преговори за пристапување на Македонија и Албанија со ЕУ и натаму се Франција и Холандија, вели грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас.
Тој ова го истакна на меѓународна конференција за безбедноста на грчкиот остров Родос.
Министерот пред новинарите изјави дека, прво, во заедничкото писмо, Германија, Франција, Холандија, Данска и Луксембург „го поставиле проблемот на интеграција” на Македонија, но и на некои други земји, кои не ги кажа.
– Во меѓувреме, три од овие пет земји, Луксембург, Данска и Германија, се повлекоа од оваа група, и тие повеќе не се спротивставуваат толку остро, но останатите, Холандија и Франција, се против, рече Коцијас, со напомена дека ова е главната тема разговорот со неговиот колега од Албанија, Дитмир Бушати на Родос.
Коѕиас и Бушати веќе извесно време преговараат за целосна нормализација на односите меѓу Грција и Албанија, кои официјално, меѓусебно, не ја завршиле Втората светска војна, не ги утврдиле зоните за експлоатација на заедничкото Јонско Море, и имаат проблеми со малцинствата и други меѓусебни проблеми.
В понеделник, пред состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи во Луксембург, Коѕиас ќе испрати писмо до ЕУ и НАТО, со кое ќе ги информира дека Грција не се противи на условното вклучување на Македонија во овие две меѓународни организации, објави атинскиот весник „Катимерини” .
Коѕиас на Родос ги демантираше наводите во грчката јавност дека осумгодишната грчка државна финансиска криза во петокот конечно заврши со официјална меѓународна одлука на доверителите, во замена за попуштање на Атина кон Скопје со тоа што пред една недела се постигна договор за решавање на спорот околу правото на името „Македонија”.
– Земјите кои наводно извршиле притисок врз Грција, за финансиски да не спасат само ако се постигне договор (со Македонија), се истите земји кои сега имаат проблем, овој пат да се одобри датум за почеток на преговорите (Македонија) со Европската унија , рече грчкиот министер, отфрлајќи ја таа теорија.