Околу илјада тн. рамковни вработени кои со години седат дома, добиваат плата и ги имаат сите други привилегии кои произлегуваат од работно место, а ниту еден ден не биле на работа. Некои може да стигнат и до пензионирање, со ниту еден работен ден на работно место.

Во врска со овој проблем, вицепремиерот Садула Дураки, во емисијата „10 минути“ на ТВ 21 изјави дека 938 државни административци вработени според Рамковниот договор и натаму ќе седат дома, а ќе добиваат плата.

Владата ја подготвила втората фаза за селекција на административците, но без точен рок кога ќе дознаат на кое работно место ќе бидат распределени. Овие административци веќе една деценија седат дома, а примаат плата. Немаат ниту еден ден поминато на работно место.

– Сегашната влада имаше одлука за распределба на 938 административци во институции и од нив за 519 почна постапката и тоа во сите ресори кои се на ниво на Владата, каде имаме одговор и правиме селекција во прва фаза. Верувам дека првата фаза ќе помине без никаков проблем и потоа ќе преминеме на втората фаза, при што со владина одлука треба да се направи распределба на 938 административци, рече Дураки.